сабота, 27 јули 2024

ЕУ за утре свика итен состанок поради Орбан

Лидерите на земјите-членки на Европската унија утре ќе се соберат на вонреден самит во Брисел, каде ќе се обидат да го скршат отпорот на унгарскиот премиер Виктор Орбан да одобри пакет макрофинансиска помош за Украина. Во последните денови и недели се водеа интензивни разговори за да се дојде до решение, но исходот сè уште не е сигурен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Целта е да се убеди Унгарија да се приклучи на останатите 25 земји. До денес не се успеа во тоа и сега прашање е како Орбан ќе се постави на самитот“, изјави еден европски дипломатски извор. Лидерите ќе се соберат вечерва на неформална вечера пред самитот, кој започнува во четврток наутро. Шефовите на држави или влади на земјите-членки ќе разговараат за ревизијата на седумгодишниот буџет, кој вклучува пакет помош за Украина од 50 милијарди евра за следните четири години.

На последниот самит, во средината на декември минатата година, 26 земји ја поддржаа преговарачката рамка предложена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, но согласноста на унгарскиот премиер Виктор Орбан изостана и одлуката не беше донесена бидејќи бара консензус на сите земји-членки.

Предлогот предвидува зголемување на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот од 2021 до 2027 година за 64,6 милијарди евра. Од нив само 21 милијарда се свежи пари, односно земјите членки за толку би требало да го зголемат својот придонес во буџетот, 10,6 милијарди евра би се добиле со прераспределба на постоечките средства, а останатите 33 милијарди се само гаранции за заеми кои ЕУ ќе ги подигне и ќе ги проследи до Украина под поволни услови.

Вкупниот предложен пакет за Украина изнесува 50 милијарди евра, од кои 17 милијарди се неповратни средства, а 33 милијарди се заеми.

Покрај пакетот помош за Украина, предлогот за ревизија на буџетот предвидува 2 милијарди евра за миграција и управување со границите, 7,6 милијарди евра за соседството и светот, 1,5 милијарди евра за Европскиот фонд за одбрана во рамки на новиот инструмент СТЕП (Платформа за стратешки Технологии за Европа), 2 милијарди евра за инструментот за флексибилност, 1,5 милијарди евра за резервите за солидарност и итна помош.

Орбан противејќи се на помошта за Украина го блокираше целиот пакет. За својата согласност тој бара одмрзнување на сите европски средства наменети за Унгарија. Пред декемврискиот самит, Комисијата одмрзна 10,2 милијарди евра унгарски средства, а останаа околу 21 милијарда, кои сè уште се блокирани.

Во последните денови Орбан сигнализираше дека е подготвен да го поддржи пакетот помош за Украина во рамки на седумгодишен буџет, но под услов за тоа да се одлучува секоја година, и тоа едногласно. Ова е неприфатливо за другите земји-членки и не е во согласност со европските правила.

Во ЕУ се зголемува притисокот врз Орбан да престане со уцените, на што тој возвраќа дека Европската унија е таа што ја уценува Унгарија.

Британскиот дневен весник „Фајненшл тајмс“ објави, повикувајќи се на работен документ, дека 26 земји-членки се подготвени, доколку Орбан опстои на својата позиција, јавно да ѝ се заканат на Унгарија која ќе остане без сите средства од европскиот буџет, што потоа ќе има ефект на одвраќање на инвеститорите од инвестициите во Унгарија и слабеење на нејзината валута.

Доколку Орбан не се согласи на компромис, се споменува можноста 26-те земји членки билатерално да ѝ пружат помош на Украина во предвидениот износ. Но, тоа е доста комплицирано, меѓу другото, затоа што во некои земји-членки тоа мора да биде одобрено од нивните национални парламенти. Дополнително, се губи предвидливоста на финансиската помош, што се наведува како една од целите на политиката на ЕУ кон Украина.

Освен за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка, ќе се разговара и за зголемување на средствата за Европскиот мировен фонд за пет милијарди евра годишно во следните четири години. Овој инструмент се користи за плаќање на оружје и муниција што земјите-членки ѝ ги испорачуваат на Украина од своите залихи. Лидерите ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ