Ветувањата дадени на самитот во Брисел се помалку од минатогодишните 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор ги наведоа кратењата на американската помош.
ЕУ ја организира годишната конференција од 2017 година, но таа се одржуваше без учество на владата на Асад, која беше изолирана поради нејзините брутални дејствија за време на граѓанската војна која започна во 2011 година. За прв пат на конференцијата учествуваше висок функционер од Дамаск – сирискиот министер за надворешни работи Асаад Хасан ал Шибани, заедно со десетици европски и арапски министри и претставници на меѓународни организации.
По соборувањето на Асад во декември, претставниците на Европската унија сакаат да ја искористат оваа конференција како нов почеток, и покрај загриженоста за смртоносното насилство овој месец меѓу новата исламистичка влада и лојалистите на Асад.
„Ова е време на големи потреби и предизвици за Сирија, како што трагично сведочи неодамнешниот бран на насилство во крајбрежните области“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Сепак, таа рече дека тоа е и „време на надеж“, мислејќи на договорот постигнат на 10 март за интегрирање на Сириските демократски сили предводени од Курдите, поддржани од САД, кои контролираат голем дел од североисточна Сирија, во новите државни институции.
Според податоците на ЕУ, на околу 16,5 милиони луѓе во Сирија им е потребна хуманитарна помош, а на 12,9 милиони луѓе им е потребна помош во храна. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен на состанокот најави зголемување на обврските на ЕУ за Сиријците во земјата и регионот на речиси 2,5 милијарди евра за 2025 и 2026 година, што вклучува зголемување од околу 160 милиони евра во споредба со претходното ветување за оваа година.
Претходно во понеделникот, комесарката за подготвеност и кризен менаџмент на Европската комисија Хаџа Лахбиб рече дека американското кратење на хуманитарната помош ги ограничило расположливите средства за Сирија.
„ЕУ е посветена на поддршката на сирискиот народ и е подготвена да учествува во обновата на Сирија, но не можеме да ја пополниме празнината што ја оставија другите“, рече Лахбиб.
Сирискиот министер Шибани изрази благодарност за поддршката што ја ветија ЕУ и нејзините партнери, нагласувајќи дека „обновата на Сирија е заеднички напор и глобално партнерство што се надеваме дека ќе придонесе за напредокот на сирискиот народ“.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија Геир Педерсен рече дека и покрај неодамнешното насилство во Сирија, другите глобални конфликти и намалувањето на американската помош имале најголемо влијание врз донаторите.
Хајат Тахрир ал-Шам, групата што го собори Асад, е прогласена за терористичка организација од Обединетите нации, но ЕУ сака да соработува со новите власти се додека тие го одржат ветувањето дека транзицијата ќе биде инклузивна и мирна.
Според ОН, Сирија изгубила 40 години развој поради војната и ќе ѝ треба најмалку една деценија да се врати во состојбата пред конфликтот, а поради економската криза речиси целото население живее под прагот на сиромаштија. „Потребите растат, а поддршката се намалува, што е трагично“, истакна Педерсон, нагласувајќи ја важноста на следните месеци.