четврток, 16 јануари 2025

ЕУ: Последните акции на косовските власти против српските структури се спротивни на обврските на Приштина

Европската Унија денеска предупреди дека најновите акции на косовските власти против структурите поддржани од Србија, кои вклучуваат нивно затворање, се спротивни на обврските на Приштина кон Унијата како дел од процесот на нормализирање на односите со Белград.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додека косовските власти денеска ги затворија сите општински и поштенски објекти што работат во српскиот систем јужно од Ибар, портпаролката на ЕУ Анита Хипер истакна дека Косово мора да ја покаже својата посветеност на обврските што ги презеде во дијалогот под закрила на ЕУ и неодамнешната потврда дека им е посветено на тие обврски.

Во заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето за 2024 година е наведено дека ЕУ постепено ќе ги укинува мерките воведени кон Косово паралелно со понатамошните чекори на Приштина кон деескалација на тензиите на северот, но најновите активности на косовските власти не одат во прилог на таа цел, се вели во изјавата на портпаролката на ЕУ, објавена на веб-страницата на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Се наведува и дека статусот на структурите поддржани од Србија на Косово се планира да се реши во рамките на дијалогот под покровителство на ЕУ.

Во согласност со својот мандат, Мисијата на ЕУ на Косово (ЕУЛЕКС) ги следи дејствијата на косовските власти против структурите поддржани од Србија, извршени во екот на изборната кампања за парламентарните избори на 9 февруари, се додава во соопштението.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља денеска изјави дека припадниците на полицијата и другите министерства затвориле 10 „паралелни српски институции“ јужно од мостот Ибар – во Липљан, Обилиќ, Приштина, Косово Поље, Вучитрн, Ново Брдо, Каменица, Витина, Ораховац и Србица, како и канцелариите на Поштата на Србија и даночната служба, и дека со тоа завршува „ерата на паралелни и криминални српски општини“ на Косово.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека ја напуштил денешната средба во Брисел со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак и дека му изразил силен протест поради упадот на косовските сили во српските институции на Косово.

За денеска е најавен првиот состанок на Мешовитата комисија за исчезнати лица. Лајчак најави дека разговарал со двете страни одделно, дека Косово ги претставило своите приоритети, а Србија го известила дека нема да учествува на заедничката средба поради денешните настани на Косово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ