сабота, 27 јули 2024

ЕУ одобри 298 милиони за БиХ, Република Српска нема да добие ни евро

Објавено на

часот

Сподели

Вкупната инвестиција овозможена со овие грантови, заедно со заеми од меѓународните финансиски институции, изнесува 788 милиони евра, се наведува во соопштението објавено вчера.

Од делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина не одговориле на прашањата на Радио слободна Европа зошто меѓу проектите нема ниеден од Република Српска.

Одобрени се неповратни средства за изградба на 11,9 километри автопат во централна Босна вклучувајќи пет тунели и девет мостови.

Вториот проект е 14,2 километри автопат кај Мостар на југот на земјата. Одобрен е проект за санација на водоводот во Сараево и санација на хидроцентралата во Чапљина, на југот на БиХ.

Дополнително се одобрени и четири регионални проекти во кои ќе учествува и БиХ вредни 944 милиони евра, од кои 142 милиони евра се неповратни средства.

Европската комисија на 30 јуни објави финансиски пакет вреден 2,1 милијарди евра за, како што се наведува, „забрзување на европската перспектива на Западен Балкан“.

„Со овој нов инвестициски пакет јасно и гласно им порачуваме на нашите партнери на Западен Балкан дека нивната иднина е во ЕУ и дека остваруваме постојан напредок во совладувањето на постоечките разлики во економскиот развој“, кажа Оливер Вархељи, комесарот на ЕУ за соседство и проширување.

Тој износ вклучува неповратни средства од ЕУ во вредност од 528 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА 3), дополнителни билатерални придонеси на државите членки на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународните финансиски институции и придонеси на самите земји од Западен Балкан.

Повеќе од половина од неповратната помош ѝ е доделена на БиХ, односно нејзиниот ентитет Федерација БиХ.

ЕУ вкупно ќе финансира 14 проекти на Западен Балкан во областа на сообраќајот, енергетиката, животната средина, човечкиот капитал и поддршката на приватниот сектор.

Ова е петти инвестициски пакет во рамки на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан.

Брисел повеќе пати го предупредува претседателот на Република Српска Милорад Додик да престане со сецесионистичката реторика и потезите кои ја поткопуваат државата, но не воведува санкции против него поради противењето на Унгарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ