Илва Јохансон, еврокомесарката за внатрешни работи денеска изјави дека 10 ноември повеќе не е на маса, нема нов датум за воведување на новиот систем, но се разгледува можноста за етапно воведување.
ЕЕС – електронскиот систем за влез/излез (Entry/Exit System -EES) требаше да почне да функционира од 10 ноември за создавање дигитална база на податоци од патните документи со биометриски отчитувања кои го потврдуваат идентитетот на лицето и што ја елиминира потребата да се ставаат печати во пасошите на надворешните граници на ЕУ.
Според овој систем, сите патници кои влегуваат во ЕУ, а не се од земјите членки на Унијата , меѓу кои и Македонија, треба да дадат отпечатоци од прстите и фотографија на лицето. За оние патници со виза предвидено е да внесат само фотографија на лицето, а отпечатоците се веќе регистрирани при поднесување на визата.