петок, 10 јануари 2025

ЕУ издаде предупредување за цивилните авиони што летаат над Русија

Агенцијата на Европската Унија за безбедност на воздушниот сообраќај (ЕАСА) денеска предупреди за „зголемени ризици“ за авионите што ја надлетуваат Русија поради недостиг од координација со војската, што се покажа, како што е наведено, во неодамнешната несреќа на азербејџанскиот авион.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во известувањето за безбедноста во зоните на судирот ЕАСА ја повтори препораката до авиокомпаниите да не летаат во западниот руски воздушен простор, кој Москва претходно и го забрани за превозниците со седиште во ЕУ, но и понатаму го користат авионите од Кина, Турција, Индија, од Персискиот Залив и некои други.

Зоната за која станува збор се наоѓа „западно од 60-от источен меридијан на сите висини и сите нивоа на лет“, додаде европската агенција, која независно од мерките што ги презеде Русија препорачува избегнување на надлетувањето на делот на таа територија од почетокот на руската инвазија во Украина во февруари 2022 година.

Во новото известување агенцијата укажува дека судирот создава ризици за цивилните авиони, кои може ненамерно да станат цел поради можен недостиг од координација меѓу цивилните и воените власти кога ќе почне да дејствува противвоздушната одбрана.

Се наведува трагичниот случај на летот 8243 на Азербејџан ерлајнс.

Триесет и осум лица загинаа во несреќата на тој авион, кој на 25 декември леташе меѓу Баку и Грозни, главниот град на руската република Чеченија.

Рускиот претседател Владимир Путин призна дека противвоздушната одбрана дејствувала на денот на несреќата поради напад од украински дронови, но Кремљ вчера повторно одби да ја признае својата одговорност за падот на авионот, и покрај инсистирањето на Баку.

ЕАСА во својата објава наведе дека Русија не покажала дека е целосно способна да ги намали ризиците за цивилните авиони во врска со несреќата во својот воздушен простор.

Агенцијата додаде дека ниедна европска авиокомпанија во моментов не лета во Русија ниту го користи рускиот воздушен простор откако Москва го затвори како одговор на западните санкции воведени во почетокот на руската инвазија на Украина.

Меѓутоа, ЕАСА додаде дека повеќе авиокомпании од земјите надвор од ЕУ продолжуваат да го користат овој воздушен простор и покрај ризикот од војната. Тука се кинеските авиокомпании, потоа турските, индиските авиопревозници и тие што се базирани во Персискиот залив.

ЕАСА може само да издаде препораки. Секоја национална управа за цивилна авијација може да забрани или да ограничи надлетување на некои земји или зони за авиокомпаниите под нејзина јурисдикција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ