четврток, 26 декември 2024

ЕУ ги повика сите страни во Сирија на дијалог за мирна транзиција

Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, соопшти дека „падот на злосторничкиот режим“ на Башар ал Асад претставува историски момент за сирискиот народ, кој претрпе огромни страдања, но покажа и исклучителна издржливост во потрагата по достоинство, слобода и правда. „Клучно е да се зачува територијалниот интегритет на Сирија и да се почитува нејзината независност, како и државните институции, и да се отфрли секаква форма на екстремизам“, рече Калас.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Калас рече дека сега сите мисли се со жртвите на режимот на Асад и војната и со сите Сиријци, во Сирија и дијаспората, кои сега имаат можност да се обединат, да се стабилизираат и да ја обноват својата земја, повторно да ја воспостават правдата и да обезбедат одговорност.

Во овој критичен период, ЕУ е со сирискиот народ и е во близок контакт со партнерите во регионот и клучните меѓународни партнери, рече Калас.

„Сега, повеќе од кога било, императив е сите страни да се вклучат во инклузивен дијалог предводен и контролиран од Сирија за сите клучни прашања за да се обезбеди мирна и инклузивна транзиција, во духот на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН и во согласност со волјата на сирискиот народ“, рече Калас.

Таа додаде дека ЕУ силно, со сите средства што ѝ се на располагање, го поддржува ангажманот на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен.

Таа ги повика сите актери во Сирија да избегнуваат натамошно насилство, да обезбедат заштита на цивилите и да го почитуваат меѓународното право, вклучително и хуманитарното право.

Таа конкретно апелираше за заштита на сите малцинства, вклучувајќи ги христијаните и другите малцински верски заедници, да се гарантира безбедноста на странските државјани и да се почитуваат дипломатските претставништва во Дамаск и да се заштитат богатото културно наследство и верските споменици на Сирија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ