Комесарот за економски прашања Оли Рен изјави дека намалувањето на кредитните рејтинзи е „непримерен“ чекор во момент кога еврозоната презема „одлучувачки“ чекори за завршување на должничката криза.
На крајот на минатата недела „С&П“ објави дека кредитниот рејтинг на Франција, Австрија, Малта, Словачка и на Словенија се намалува за еден степен, додека на Италија, Шпанија, Португалија и Кипар, за два. Со тоа Франција и Австрија го изгубија највисокиот ААА-ранг, додека Португалија падна на најнискиот.
Рен остро го критикуваше потегот, велејќи: „Жалам поради непримерниот чекор од страна на Стандард и Пур во однос на рејтингот на неколку членки на еврозоната, во време кога еврозоната презема одлучувачки чекори на сите фронтови за да се излезе од кризата“.
Денес францускиот премиер Франсоа Филон изјави дека неговата земја ќе продолжи да ги спроведува мерките за намалување на трошоците како одговор на намалениот рејтинг. Тој изјави дека намалениот рејтинг ги потврдува напорите на неговата влада да го намали долгот, и покрај критиките дека рестриктивните мерки ќе го намалат порастот на економијата.
Директорот на централната банка на Австрија, пак, го опиша потегот на „С&П“ како „чисто политички“, јавува Би-би-си.