сабота, 27 јули 2024

ЕУ бара и Грција и Македонија подеднакво да се држат до Преспанскиот договор

Портпаролот на Европската Комисија (ЕК) во изјава за Еурактив вели дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова заострена реторика меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор. Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи за грчко радио изјави дека Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано.

Објавено на

часот

Сподели

Бриселскиот портал, потсетува дека „новата дипломатска криза“ меѓу двете земји избувнала откако новата претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која доаѓа од „националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, за време на нејзината инаугурација на 12 мај ја нарече земјава Македонија наместо Северна Македонија, официјалното уставно име по договорот за промена на името со Грција во 2018 година, инаку познат како Договор од Преспа.

„Инцидентот“, како што забележува Еурактив, предизвика реакции низ Европа и САД, при што многумина стравуваат од заживување на спорот кој се смета за отворена рана за балканскиот регион.

Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.

„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската Комисија за Еурактив.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи за грчко радио изјави дека Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано.

Во утринското интервју, шефот на грчката дипломатија посочи дека „во овој момент постои едно прашање што произлезе по изборите во Северна Македонија“, но и истакна дека тие секако го почитуваат изборниот резултат.

„Она што секогаш го потенцираме е дека независно од разликите, од идеолошките и политичките разлики што може да ги има ги има новото политичко раководство кон Договорот од Преспа, тоа е меѓународен договор што е ратификуван. Не се менува и не се ревидира еднострано од страните. Претставува една многу основна точка врз која се изградија меѓународните односи на Северна Македонија. Се подразбира дека Европската унија ги оценува прашањата од Договорот од Преспа и целосното и доследно спроведување и затоа мислам дека политичкото раководство на Северна Македонија ќе ги оцени овие прашања и ќе се усогласи со барањата од Договорот од Преспа“, истакна Герапетритис, пренесе дописничката на МИА од Атина.

Додаде дека Грција, од своја страна го следи доследното спроведување на Договорот и потсети дека „денешното владино мнозинство како опозиција навремено ги укажа сивите точки на Договорот“.

„За мене она што е важно е дека треба ги почитуваме договорените работи, не затоа што се согласуваме со договореното, туку затоа што е договор за континуитетот и стабилноста и во секој случај не можеме да создаваме еднострана рамка врз која ќе се градат политички кариери“, посочи шефот на грчката дипломатија.

Дополнително, уште еднаш категорично ги демантираше натписите во грчките медиуми дека учествувал во составувањето на Договорот од Преспа, истакнувајќи дека не знаел ниту еден ред од текстот пред јавно да се објави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ