вторник, 18 март 2025

Етничко чистење: Сили поврзани со сириската исламистичка влада слават масакр над малцинствата (ВИДЕО)

Мајка и ќерка во Сирија седеле стуткани покрај прозорецот на таванот додека вооружени мажи стоеле пред нивната куќа. Се труделе да не испуштат звук. Но, на видеото кое тајно го снимиле во тој момент на страв, јасно се слуша како едвај го контролираат паничното дишење, пренесува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претходниот ден, на 7 март, старешината на семејството Калил ги уверувал дека не се во животна опасност. Силите поврзани со новата сириска џихадистичка влада, кои пристигнале во нивното село Ал Санобар, ги целеле само луѓето поврзани со неодамна соборениот претседател Башар ал Асад, ги уверувал тој.

„Ние не направивме ништо лошо“, се сеќава дека рекол неговиот братучед додека гледале низ нивните прозорци додека џихадистите упаднале во домот на нивните соседи. Неколку часа подоцна, вели тој, таткото на семејството лежел мртов на терасата, покрај телото на неговиот син.

Маскиран милитант снимил видео како парадира низ ограбена куќа, извикувајќи „етничко чистење, етничко чистење“, а потоа го објавил на својата фејсбук страница со своите 28.000 следбеници. Членовите на семејството, скриени горе, слушнале како се одвива рацијата, вклучувајќи ги и егзекуциите.

Масакрот во домот на Калил, реконструиран со помош на снимките и сведоштвата на преживеаните, е еден од многуте слични напади извршени врз алавитските заедници на сириското крајбрежје од почетокот на март.

Масовни убиства и масовни гробници

Истрагата на Си-ен-ен се фокусирала на настаните во Санобар, село со неколку илјади жители од сириската малцинска алавитска заедница во областа Латакија. Нападите врз селото, опкружено со земјоделско земјиште, откриле нови детали за насилствата што го зафатија сириското крајбрежје.

Врз основа на интервјуа со седуммина преживеани, сателитски снимки и проверени снимки од земја, Си-ен-ен ги откриле размерите на масакрот – членови на новите владини сили егзекутирале невооружени селани, ограбувале, палеле куќи и користеле секташки навреди, додека телата на жртвите биле закопани во две масовни гробници.

Си-ен-ен изброиле најмалку 84 тела на видеата направени во Санобар, додека локалните жители тврдат дека изброиле повеќе од 200 мртви, од кои огромното мнозинство биле мажи. Сведоците зборувале под услов да останат анонимни поради страв од одмазда.

Предупредуваме дека снимката содржи вознемирувачка содржина:

Дали исламистите ја презедоа власта во Сирија?

Нападите врз алавитите го отвораат прашањето за тоа дали привремениот претседател Ахмад ал Шара може да го исполни своето ветување за инклузивна влада која ќе ги штити малцинствата и ќе ги спречи милитантните групи да ја загрозат иднината на земјата.

Последниот бран насилства почна на 6 март, кога лојалистите на соборениот Асад ги нападнале силите на новата влада, во координиран напад на повеќе локации. Тоа беше најинтензивниот конфликт во Сирија по соборувањето на Асад во декември, и доведе до брутални репресии во провинциите Латакија и Тартус, што новите власти го опишаа како обид за „неутрализирање на преостанатите режимски сили “.

Државата ги обвини „непослушните елементи“ за масакрите, а Ал Шара формираше истражна комисија и вети дека извршителите ќе одговараат.

Нападите биле насочени против алавитската секта, огранок на шиитскиот ислам на кој му припаѓа семејството на Асад и која доминира во власта повеќе од половина век. Си-ен-ен ги прегледале снимките од сунитските исламистички милитанти поврзани со новата влада, кои на снимките отворено повикуваат на „етничко чистење“ на алавитите.

„Нè нарекуваа алавитски кучиња“

Сириската мрежа за човекови права (СНХР) објави дека повеќе од 800 луѓе биле убиени во најновите напади. Други организации проценуваат дека бројот на жртвите е уште поголем. Преживеаните велат дека нападите врз Санобар започнале на 7 март, ден откако лојалистите на Асад го почнале нападот врз силите на новата влада.

Си-ен-ен идентификувале едно од вооружените лица кои го снимиле видеото во домот на Калил споредувајќи ги неговите црти на лицето, облеката и градбата со други фотографии на неговиот фејсбук профил. Снимката подоцна била избришана, но преживеаните кои ја виделе потврдиле дека се работи за истиот човек кој го пустошел нивното село.

Следните денови на социјалните мрежи се појавило уште едно видео – истиот милитант како пее „Дојдовме по тебе, ти донесовме смрт“, додека зад него лежат тела на жртви. Си-ен-ен ја геолоцирале снимката на влезот во селото, анализирајќи ги дрвјата, бандерите за струја и кривиот пат на сателитски снимки.

На друго видео се гледа како борец го влече Јазан Мостафа, средовечен селанец, на егзекуција.

Тела лежеле по улиците со денови

Според тројца локални жители кои разговарале за Си-ен-ен, телата на убиените останале расфрлани по улиците на Санобар три дена, бидејќи вооружените напаѓачи им забраниле на локалните жители да ги земат. Дури на 10 март, под надзор на вооружени милитанти, телата почнале да се собираат и закопуваат во масовни гробници.

Си-ен-ен ги анализирале фотографиите и снимките од Санобар и ја потврди автентичноста на материјалот споредувајќи го со сателитски снимки. Една фотографија, направена на гробишта до храмот на алавитите, покажува најмалку 10 тела завиткани во бели чаршафи, положени во две тесни гробници. Во друго видео, Си-ен-ен изброиле најмалку 42 тела фрлени на страната на патот, додека уште три лежеле во плитки гробници. Багери ги затрупувале телата со земја.

Сателитските снимки направени на 11 март покажуваат промени во земјата во близина на храмот, а на 14 март нови снимки откриле движење на земјата на местото на масовната гробница. Димензиите на гробот се проценети на 26 на 16 метри.

Локалните жители велат дека сè уште се обидуваат да обезбедат верски достоинствен погреб на нивните мртви, но враќањето во селото се уште е премногу опасно за нив. „Нема сомнеж дека ќе ги закопаме според исламските обичаи“, кажала жената чиј татко и браќа се убиени. „Но, за тоа ќе треба да се вратиме во селото. А премногу се плашиме да се вратиме“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ