среда, 29 мај 2024

Естонија воведува гласање на избори преку мобилен телефон

Граѓаните на Естонија во иднина ќе можат да гласаат на избори преку мобилните телефони откако парламентот во Талин на 7 мај одобри закон кој го предложи владата на таа балтичка земја, членка на Европската Унија и НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според предлог законот, електронското гласање нема да биде можно само на компјутери, туку и преку посебни апликации за вообичаените оперативни системи на мобилните уреди. Техничките услови ги утврдува изборната комисија пред секои избори.

Промената на законот би требало да стапи на сила во октомври така што опцијата за гласање преку мобилен телефон нема да може да се користи на изборите за Европскиот парламент во јуни.

Според естонскиот министер за економија и информатичка технологија Тит Рисало, новиот закон има цел да ја земе предвид промената во однесувањето на граѓаните.

„Значителен дел од секојдневните дигитални активности на луѓето премина од компјутерите на паметните уреди, а е-Естонија мора да им биде достапна на сите на овие нови и раширени платформи“, кажа министерот.

Во 2005 година Естонија беше првата земја во Европа која овозможи онлајн гласање на политичките избори.

На меѓународно ниво постапката на многу места е контроверзна поради сомнежот во нејзината доверливост.

Во балтичката држава, која сака себеси да се вика е-Естонија, таа постапка надвладеа: повеќе од половина од сите гласови се дадени дигитално на парламентарните избори во март 2023.

Граѓаните на таа балтичка држава можат да направат речиси сè онлајн во секојдневниот живот.

Естонија се смета за пионер на дигитализацијата и електронската управа во Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ