За да се сопрат шпекулациите, велат од ЕСМ, од компанијата преку соопштение целосно го обајви текот на изборот на компанијата Марковски за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола.
Според ЕСМ процедурата почнала со интерна нарачка по што била отворена јавната набавка на која ѝ претходеле прашања и одговори. По отфрлање на жалбата поднесена од ДГУ Пелистер Битола на 18 декември 2023 година на јавниот повик се јавиле 3 фирми меѓу кои и компанијата Марковски Компани Борче од Битола.
„По формирањето на стручна комисија и добиено техничко мислење од истата, се прави извештај од спорведената постапка која содржи изјави од одговорно лице, членови на комисијата за јавни набави и членовите на стручната комисија. Одлуката за избор на најповолна понуда која ги исполнува сите технички спецификации е донесена на 20.12.2023 година. На 04.1.2024 година, по известувањето за избор на најповолна понуда, извршувањето на управната контрола и известувањето и записникот од управната контрола, Гранит АД Скопје поднел жалба. Државната комисија за јавни набавки на 26.1.2024 ја одбива жалбата поднесена поради неоснованост. На 13.2.2024 година е склучен договор со Марковски Компани за период од максимум 18 месеци, за разлика од претходните договори што биле за период од 12 месеци. Вкупна вредност на овој договор е 2.400.000.000 денари“, пишува во соопштението на ЕСМ.
Од ЕСМ велат дека компанијата склучувала договори со Марковски компани и во минатото, односно од пред 2007 година без оглед на политичките и раководните структури во Владата и во раководството на ЕСМ.
„Неминовно е да се земе предвид и фактот дека производството на електрична енергија е од амортизирани постројки, ама сепак со нивно постојано одржување и редовни ремонтни активности, како и користење на квалитетни реагенси се обезбедува стабилно и сигурно производство коешто е доказ дека и во услови на најголемата енергетска криза немаше ниту еден ден рестрикции за граѓаните. Производството на електричната енергија не е прашање на политичко толкување, туку нужност за функционирање на општеството и ако ги тргнеме на страна сите шпекулации и манипулации, можеме да потврдиме дека електрична енергија во државата имало и ќе има во иднина, независно од политичките игри и намери“, соопштија денеска од ЕСМ.