сабота, 27 јули 2024
Македонија изгуби уште еден случај пред судот во Стразбур

ЕСЧП пресуди во корист на Митревска која си ги бара биолошките родители

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда во случајот Митревска против Македонија со која се уважува жалбата на тужителката за неможноста да добие информации во врска со нејзиното посвојување односно кои се нејзините биолошки родители. Според македонскиот Закон за семејство целосното посвојување ги прекинува правата и одговорностите помеѓу посвоеникот и поранешното семејство, а информациите за посвојувањето претставуваат службена тајна.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кои ја застапуваа Митровска пред судот во Стразбур, жалбата се однесуваше на повреда на член 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот.

„Оваа пресуда е особено значење бидејќи упатува на правото секој да знае кои се неговите биолошките родители, како и да се има пристап до информации поврзани со здравјето, што севкупно е вклучено во опфатот на приватниот живот. Оттука, последиците кои оваа пресуда ќе ги наметне ќе предизвикаат итна и неодложна промена на Законот за семејство“, информираа од МЗМП.

Станува збор за случајот на Митревска, која е посвоена уште додека била дете, на непрецизиран датум во постапка за целосно посвојување. Таа од надлежните институции во Македонија побарала определени информации, како што се нејзиното родено име, место на раѓање и информации за нејзините биолошки родители. Овие информации и биле потребни поради медицински и здравствени причини. Но, информациите никогаш не и биле дадени со образложение дека завршените посвојувања се сметаат за службена тајна.

„Со пресудата, Судот упатува на прешироко поставената одредба од член 127-а на Законот за семејство со која е предвидено дека сите информации во однос на целосно посвојување претставуваат службена тајна. На овој начин Судот со пресудата потврдува дека индивидуалните околности на жалителката да го знае нејзиното потекло особено нејзиниот интерес да добие информации поврзани со нејзиното здравје, не се земени предвид од страна на македонските власти. Законската рамка и практики по кои се спроведува посвојувањето се сложени и се водат исклучиво по правото на приватност, најдобар интерес на детето и потребата за транспарентност и одговорност во административните процедури. Законот за семејство утврдува дека целосното посвојување ги прекинува правата и одговорностите помеѓу посвоеникот и поранешното семејство, и информации за посвојувањата претставуваат службена тајна. Законот за посвојување пак од своја страна, не содржи одредби во врска со тајноста на информациите поврзани со посвојувањето“, појаснуваат од МЗМП.

Од друга страна, Законот за општа управна постапка го воспоставува принципот на пропорционалност во управните постапки преку кој обезбедува заштита на правата и правните интереси на инволвираните страни. Кривичниот законик предвидува казни за јавно објавување на информации класифицирани како службена тајна. Со вака поставената законска рамка, праксата е одбивање на секој заинтересиран кој бил посвоен да пристапи кон евиденцијата и информациите за спроведеното посвојување, што е потврдено и со одлуката на Уставен суд да не поведе постапка за уставна оцена на членот 123-а од Законот за семејство со кој се наметнува тајноста на податоците.

„На овој начин, со пресудата на ЕСЧП во предметот Митревска против Северна Македонија, уште еднаш се враќа вниманието на Конвенцијата за правата на детето што е дел од нашиот правен поредок, како и на Конвенцијата за заштита на децата и соработка во однос на посвојувањето меѓу државите, и се истакнува важноста од зачувување на идентитетот на детето и обезбедување пристап до информации во врска со неговото потекло“, велат од МЗМП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ