Продолжувајќи со критиките, Ердоган рече дека Турција стои со академиците и научниците кои се соочуваат со прогон поради своите ставови за конфликтот во Газа, додавајќи дека западните земји кои го поддржуваат Израел се соучесници во, како што рече, воените злосторства.
„Тие зборуваа лошо за Хитлер. А која е разликата помеѓу овој режим и Хитлер? Поради него Хитлер дури и ќе ни недостига. Дали ова што го прави овој Нетанјаху е подобро од она што го направи Хитлер? Не е“, рече Ердоган. „Тој е побогат од Хитлер, ја добива поддршката од Западот. САД го поддржуваат на секој можен начин. И што направија со сета таа поддршка? Убија повеќе од 20.000 жители на Газа“, рече тој.
Нетанјаху одговори дека турскиот претседател, за кого рече дека е одговорен за геноцидот врз Курдите и затвора новинари, е последниот човек кој треба да им проповеда морал на другите. И покрај критиките, Турција одржува трговски врски со Израел, што предизвикува реакција кај турските опозициски партии и Иран.
Анкара вели дека трговијата со Израел нагло опаднала од 7 октомври, кога палестинската милитантна група Хамас изврши смртоносен напад врз Израел во кој загинаа 1.200 луѓе, што го поттикна Израел да започне војна против Хамас. За разлика од западните сојузници и некои арапски земји, Турција не го смета Хамас за терористичка организација.