вторник, 24 декември 2024

Ердоган во Будимпешта за зајакнување на турско-унгарските односи (ФОТО+ВИДЕО)

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска пристигна во Будимпешта, каде со својот сојузник, унгарскиот премиер Виктор Орбан разговараат на зајакнување на билатералната соработка.

Објавено на

часот

Сподели

Се претпоставува дека ќе разговараат и за членството на Шведска во НАТО, кое Турција и Унгарија сѐ уште не го ратификувале.

Посетата на Ердоган се совпаѓа со 100-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

„Сакаме дополнително да ги зајакнеме нашите врски во областите како што се одбраната и енергетиката, каде што веќе имаме плодна соработка“, рече Ердоган, додавајќи дека двете земји имаат за цел да го зголемат обемот на трговска размена на 6 милијарди долари од сегашните 4 милијарди долари.

За време на оваа, втора посета за неколку месеци, Ердоган беше примен со воени почести на историскиот Плоштад на хероите во срцето на Будимпешта, пред да се упати на состанокот со претседателката Каталин Новак, а потоа и со премиерот Орбан.

Орбан му подари на Ердоган коњ Нониус, иако турскиот водач падна од коњ во 2003 година, потсетува Франс24.Подарок од една коњаничка нација до друга“, напиша Орбан на Фејсбук.

За возврат, на Орбан му беше подарен електричен автомобил произведен во Турција, чија фотографија ја објави на мрежата Икс. „Најдобрата зделка што некогаш сум ја направил! За една коњска сила добив 435. Добре дојдовте во Унгарија, претседателе Ердоган!“ напиша тој.

За време на прес-конференцијата, Орбан рече дека неговата земја „бара сојузници со кои можеме да победиме“. „Големиот план е Турците и Унгарците да бидат победници заедно во 21 век“, рече тој.

Двајцата водачи потпишаа заедничка политичка декларација унапредувајќи ги односите до „напредно стратешко партнерство“, кое Орбан го опиша како „израз на најблиската, пријателска, братска и политичка соработка“.

Ердоган, кој во јули конечно се согласи да го укине ветото за прием на Шведска, неодамна ја услови турската ратификација со одобрение од американскиот Конгрес на Турција да ѝ продаде воени авиони Ф-16.

Унгарија, од своја страна, даде начелна поддршка, но со месеци ја одложува ратификацијата.

Во последните години, Виктор Орбан ги интензивираше своите конфликти со Брисел и западните партнери, а во исто време спроведува политика на отворање кон исток.

Орбан е единствениот лидер во Европската унија кој одржува блиски врски со Кремљ и покрај руската инвазија на Украина. Тој се приближи и до Турција, Кина и земјите од Централна Азија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ