„Сирискиот режим мора итно да соработува со својот народ во корист на сеопфатно политичко решение“, кажал турскиот лидер за време на телефонскиот разговор со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, се наведува во соопштението на турското претседателство.
„Претседателот Ердоган кажа дека Турција работи на намалување на тензиите, заштита на цивилите и отвора пат за политички процес и ќе продолжи да го прави тоа“, се наведува во соопштението. Се истакнува и дека „сирискиот конфликт достигнал нова фаза“. „Режимот мора да се помири со сопствениот народ и легитимната опозиција“, порача Ердоган по вториот состанок со својот Совет за национална безбедност.
Тој ја потврдил својата „цврста поддршка на територијалниот интегритет и единството на Сирија“.
„Најголемата желба на Турција е Сирија да не потоне во поголема нестабилност и да не доживее повеќе цивилни жртви“, го уверувал Ердоган Гутереш.
Турција, која со Сирија има граница подолга од 900 километри, има свои војници во соседната земја иако тврди дека го поддржува сирискиот територијален интегритет.