петок, 18 октомври 2024

ЕП во ватерполо: Од страв од бламажа, Грците го откажаа ТВ-преносот

Објавено на

часот

Сподели

Причина за тоа е страв од уште една бламажа во спортска пресметка со нивниот северен сосед, кого веќе две децении му го оспоруваат правото на постоење. Грците биле престрашени од изданието на македонските ватерполисти на денешниот меч со Турција, кој го добивме со 16-4, па решиле да се обидат да го скријат евентуалниот срам со тоа што би го минимализирале настапот на нивниот ватерполо тим на Европското првенство (ЕП) во Холандија. Стравот доаѓа делумно и поради лошата игра на грчкиот состав на стартниот меч со домаќинот, кој едвај го добија со 14-12.

До минатата година грчките спортисти беа најчесто доминантни во пресметките со нашите екипи или, пак, репрезентативни состави. Сепак, работите делумно се променија на ланското ЕП во кошарка во Литванија, каде што жолто-црвените буквално ги разнесоа самобендисаните кошаркари од југот победувајќи ги со убедливи 14 поени разлика (72-58). Тоа беа моменти на национална еуфорија кај нас, а на невиден очај во грчките редови. На јужните соседи не им помогна ниту прекривањето со црна лента на кратенката МКД што стоеше на екранот за време на телевизискиот пренос.

Триумфот на малата Македонија против некогашниот европски шампион силно одекна во Европа, но и во Грција, каде што кошаркарите беа нападнати за тоа што дозволиле да загубат од една нација што според нив воопшто и не постои. Поради сето ова, најверојатно, грчките ватерполо-стручњаци решиле да го намалат бројот на тие што би го виделе нивниот евентуален пораз во меч во кој тие реално влегуваат како фаворити со оглед на далеку поголемата традиција на овој спорт.
Вакво манипулирање со ТВ-преносите светската јавност досега видела само во случајот со Северна Кореја, која настапи на Светското првенство (СП) во фудбал во 2010 година. Власта во оваа држава не дозволуваше директни преноси од мечевите на севернокорејската селекција, туку дозволуваше скратени снимки со неколкудневно доцнење, и тоа само од средбите на кои нивниот тим играл добро, според нивна оценка.

Прв директен пренос на селекцијата на Северна Кореја од гостински терен се случи во дуелот со Португалија во 2. коло од СП, најверојатно охрабрена по добрата игра и нерешените 1-1 со гигантот Бразил. Но тогаш се случи бродолом, Севернокорејците загубија со дури 7-0, а за одбележување е фактот што коментаторот од оваа земја од Далечниот Исток не прозборел ниту еден збор во етер по водството на противникот со 4-0.

Се надеваме дека ваквата одлука на Грците само дополнително ќе ги мотивира избраниците на селекторот Игор Гочанин и дека ќе успеат да го повторат успехот на кошаркарите. А потоа, грчките граѓани ќе можат поразот на нивните ватерполисти да го проследат низ видеоснимки, со кои, сигурни сме, ќе бидат преплавени како македонските интернет-портали, како и глобалната видеомрежа „Јутјуб“.

И.К.

[video:http://www.youtube.com/watch?v=WdP6Rgdl3EI]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ