недела, 14 април 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Енергетска транзиција или енергетски хаос (2)

Веќе неколку децении Владата има донесено (приближно) на секои пет години стратегии за енергетски развој на Република Македонија (РМ). Се наметнува прашањето: што е причината што сега сме дојдени до неповолна состојба, односно до енергетски хаос? Одговорот е сложен, но генерално може да се каже дека сите влади не ги спроведуваа плановите наведени во тие стратегии (иако тие документи не беа идеални).

Како пример ќе ја наведам ХЕЦ Чебрен како и други хидроцентрали кои беа предвидена да се градат уште пред три децении. Непотребно време се загуби барајќи стратешки партнери. Дури некои спомнуваа(т) дека ние не можеме да градиме такви големи објекти. Ова лесно може да се демантира од фактот што скоро сите постојни хидроцентрали во РМ се изградени во минатото без стратешки партнери и со сопствен кадар и домашни градежни фирми. На оваа тема првиот човек на ГП Гранит Страшо Милковски во Стопанската комора на РМ неодамна изјави дека државата треба да дава приоритет на домашните фирми, а не постојано да бара партнери во странство.

Како пример ќе се осврнам и на изградба на гасни комбинирани термоелектрични централи (ТЕЦ). Тие се предвидени уште пред повеќе од 20 години, а досега државата не изгради ниту една. Да ја погледнеме најновата стратегија за енергетски развој на РМ објавена на веб-страницата на Министерството за економија во 2020 година, а се однесува за периодот до 2040 година. Во неа се предвидени можни изградби на неколку гасни термоелектрични централи, и тоа две по 30 MW и една од 40 MW до 2023 година, значи рокот завршил минатата година. Плус, предвидена е и една поголема гасна ТЕЦ од 450 MW до 2025 година, за која исто така нема ниту теоретски шанси да биде изградена до следната година. Но понатаму во текстот, елаборирани се три можни сценарија за енергетски развој:

– Референтно (“како до сега“): нема гасна ТЕЦ; предвидена е делумна ревитализација на ТЕЦ Битола;

– Умерено: ТЕЦ Битола престанува во 2025 г.; гасни ТЕЦ: 85 MW (2025 г.), 119 MW, 61 MW (2040 г.);

– Зелено: ТЕЦ Битола престанува во 2025; гасна ТЕЦ: 141 MW (2025 г.).

Овој документ е ставен на веб-страницата на Министерството за економија, значи тоа е актуелна стратегија.

Од друга страна, на меѓународниот енергетски форум одржан во мај 2023 година министерот за економија (Крешник Бектеши) најави проект за инвестиција во гасна централа од 600 до 800 MW на локација кај ТЕЦ Неготино, заедно со партнери од регионот. Ова го нема во претходниот документ.

Во најновиот документ на Владата со наслов “Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен на РМ“ (од декември 2023) дадени се насоки за забрзано исфрлање на јагленот од енергетскиот сектор, а се заснова на документот „Национално утврдени придонеси“ (НУП), на англиски јазик: “Nationally determined contributions“. НУП е документ што секоја земја задолжително го подготвува и предава на Обединетите Нации, а во врска со Парискиот договор за климатски промени од 2015 година.

Во својот НУП, РМ има поставено цел за намалување на емисиите од стакленички гасови за 82% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Клучна активност за ова да се постигне е постепено замена на јагленот како енергенс со обновливи извори на енергија до 2030 година. Тоа значи затворање на ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј до 2030 година.

За таа цел треба да се зголемат капацитетите на обновливите извори на енергија и да се забрзаат инвестициите во мрежната инфраструктура за да овозможи замена на термоелектраните на јаглен со ниско-јаглеродни извори, итн. Се прашувам дали е ова реално? Секако дека одговорот е НЕ. До тогаш треба да се изградат електроцентрали за базно производство како замена за ТЕЦ Битола, инаку увозот на електрична енергија во некои периоди (кога нема сонце) ќе достигне и до 80%.

За да дојдам до малку пооптимистички информации, ја посетив веб-страницата на Агенцијата за енергетика на РМ. Ја симнав „Стратегија за развој на енергетиката во РМ …“, ја отворам и гледам дека е стара, направена во 2010 година. Срамота! Гледам на вебсајтот корисни работи за енергетска ефикасност (ЕЕ), но дали се тие актуелни? На пример: „Трет акционен план за ЕЕ во РМ од 2016 до 2018 година“?!

Изгледа дека насловот на мојот напис навистина сум го погодил ако се погледаат изјавите (од 25 февруари 2024) од опозиционата партија која најверојатно наскоро ќе ја формира новата влада на РМ. Тие нагласија дека РЕК Битола нема да се затвори и дека имаат план за нејзина модернизација, односно имаат начин како да продолжи да работи се додека има ресурс за производство на електрична енергија. Тие ветуваат дека главен акцент во работењето ќе биде спроведување на проекти во енергетиката, преку кои, Македонија ќе стане независно енергетска земја. Ќе посветат големо влијание на доизградба на гасоводниот систем во РМ, изградба на две когенеративни гасни ТЕЦ, а посебно внимание ќе се обрне на дистрибутивниот систем за природен гас, со паролата „Гас до секое домаќинство во РМ”.

Да резимирам, енергетската состојба во земјава и натамошниот развој се наоѓаат во неповолна состојаба, со еден збор: хаос. Енергетиката е нешто како крвоток за функционирање на економијата и општо на животот на секоја земја. Не може плановите за енергетски развој да се менуваат преку ноќ. Тие главно треба да се подготвуваат и реализираат од стручни лица врз база на условите и потребите во земјата, а политичарите треба да ги подржуваат со мерки за остварување на плановите, а не да се водат од други интереси.

Како пример ќе го наведам предлог законот што го поднесе Владата до Собранието на РМ за стратешкиот проект за гасна когенеративна централа „Митилинеос“, за усвојување по скратена постапка. Голем број експерти упатија барање до Собранието овој закон да не се прифати притоа некои дадоа голем број забелешки и образложение со детални пресметки. Но соодветни одговори од другата страна нема и упорно се настојува овој закон да се усвои. Зошто?

Д-р Ристо Цицонков,

редовен професор Машински факултет – Скопје

Енергетска транзиција или енергетски хаос (1)

КОЛУМНИ

Мирко Стојановски

Културни војни: Мишко и Брега

Фестим Ризанај

Вештачка интелигенција: помеѓу информациите и дезинформациите

Ристо Цицонков

Гасификација на Македонија – дали е веќе доцна? (1)

Рајко Пеколски

Семантичка коректност

Омар Ашур

Зoшто ИСИС ја нападна Русија и зошто Русија ја обвинува Украина...

Прилив на мозоци

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ