сабота, 19 октомври 2024

Ендемичен вид медузи од Црвеното море најдени кај грчкиот остров Родос

Четири единки од медузата од видот Rhopilema nomadica, ендемичен во Црвеното Море, позната како номадска медуза, биле откриени на грчкиот остров Родос, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Од Хидробиолошката станица од Родос информираа дека нивните вработени, четирите единки ги откриле во залив на островот, а во Медитеранот овој вид медуза првпат бил регистриран во 1970 година.

„Rhopilema nomadica, позната и како номадска медуза, има хемисферична форма, проѕирна – синкава боја, а дијаметарот може да достигне до еден метар. На долната површина на телото има осум пипала со филаментозни цисти, односно мали убодни пипала со отров, кои доколку дојдат во допир со кожата предизвикуваат силна болка, чувство на печење, чешање и иритација на пределот“, соопштија од Хидробиолошката станица.

Додаваат дека појавата на зголемен број медузи е минлива, која обично трае од неколку часа до неколку дена и зависи главно од морските струи, но и дека влијание имаат и климатските промени односно зголемувањето на температурата на планетата, а со тоа и на морето, со што се создаваат поволни услови за медузите.

Како пример споменуваат дека во претходните години температурата на морето на брегот на Родос во периодот февруари-март вообичаено била 16 степени целзиусови, а годинава за истиот период температурата е речиси 19 степени.

Паралелно ги информираат граѓаните да избегнуваат контакт со медуза со голи раце дури и да е на плажа, а во случај на контакт со кожата треба да следат конкретни чекори – да се отстранат остатоците од медузата со помош на пластична картица, пинцета, дрво или дури и пластична лопатка од детските играчки, местото на контакт со медузата да се исплакне со морска вода или оцет, а не со обична вода, а делот да не се покрива со завој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ