сабота, 2 ноември 2024

Емин Аземи до министерката за култура: Објави го за неважечки годинешниот конкурс

Ја замолувам министерката за култура Бисера Костадинова–Стојчевска да го преиспита годинешниов конкурс и да ги објави за неважечки овие резултати, враќајќи ги вредносните критериуми на достоинствено ниво, се вели во писмото на Емин Аземи, уредник во издавачката куќа Агора принт.

Објавено на

часот

Сподели

Аземи особено се осврнува на резултатите на конкурсот за издавачката дејност, особено делот за изданија на албански јазик, за што вели дека има многу чад, нејаснотии и апсурди.

Писмото на Аземи го пренесуваме во целост.

„И оваа година се докажа дека во Министерството за култура само формално се праќаат по комисии некои луѓе, (посебно членовите Албанци), кои ни најмалку немаат врска со книжевноста и културата, а критериумите за тоа кој треба да се финансира, кој да се казни и целосно да се тргне од листата за финансирање –  за жал се одредуваат некаде надвор од ова министерство.

Ова не е само овогодишна практика, но оваа година излезе на виделина една дива тенденција на елиминирање „внатре во сојот“.

Заедно со ова писмо до министерката за Култура, г- ѓа Бисера Костадиновска Стојчевска за сите овие дилеми во продолжение ќе ги набројам неколкуте аномалии кои ја проследија комисијата за издавачката дејност, чијашто работа остава многу простор за сомнежи и нејасности:

  1. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) нема никакво искуство (ниту теоретско ни практичко) за вреднување на делата и авторите кои конкурирале. Да го имаше ова искуство немаше да дозволат да поминат и делата кои се издадени по неколку пати досега.
  2. Во недостиг на ова искуство, некој однадвор ја играл улогата на ментор (читај: на ѓаволот), сугерирајќи со молив на раката, кои автори, кои наслови треба да бидат фаворизирани, а кои треба да бидат задушени и кои не треба да бидат воопшто финансирани.
  3. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) не го финансирала и еден проект предложен од нас – издавачка куќа Агора принт  (избор на  преведени македонски раскази), дело со кое имавме намера да ја поттикнеме традицијата на соработка меѓу нашитекултури, сакајќи на тој начин, наредната година да направиме избор на албански раскази преведени на македонски јазик.
  4. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) ја фаворизирала една категорија на издавачи и автори кои не водат активен книжевно – културен живот преку целата година, значи не произведуваат книжевни  и културни вредности кои би имале некаква динамика и влијание во јавноста, но живнуваат само во месец ноември, тогаш кога е отворен конкурсот на министерството.
  5. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) го фаворизирала (надвор од секој принципиелен и професионален критериум) само еден културен простор (Тетово) доделувајќи не помалку од 70 илјади евра за приближно 50 проекти, од кои 9 се културни манифестации и неколку списанија (околу 10)!
  6. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) го казни месечното списание за култура и наука JUVENILJA (ЈУВЕНИЛИЈА) – издавачка куќа Агора принт, со над 300 страници и со рубрики  во кои меѓу другото се поттикнува драматургијата, книжевната критика, есејот, прозата итн. (доделувајќи ѝ смешна сума од 1.000 евра за четири броја!!!), со дистрибуција на сите на градови на Македонија.
  7. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) не ја разгледала воопшто потребата и нашиот предлог – на издавачката куќа Агора принт – во Скопје да имаме една достоинствена книжевно – културна манифестација (“Ditet e juveniljes”) (Деновите на Јувенилоија) и како последица оваа комисија предложила бедна сума (нешто над 800 евра) за (дводневна) манифестација која мислевме да ја одржуваме на крајот на месец септември  и која би имала ваква физиономија: да го има делот на дебатирање за книжевноста и книжевното читање како пропратен дел. Во делот на дебатата мислевме да поставиме битни идеји за дискусија во полето на книжевноста, театарот и драматургијата, фокусирајќи се на оние теми кои се поургентни, како што се недостигот на оригиналната драматургија во нашите театри, поттикнувањето на книжевната критика и  книжевната рецензија во медиумите, потоа и на културата и навиката на читање кај новите генерации, како и основањето на книжевната награда „Ернест Колиќи“ која би била мерач на вредностите и новините во прозата, драмата и науката на книжевноста, главно на авторите кои живеат и пишуваат во Северна Република Македонија.
  8. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) не направила никаква претходна анализа пред одлуката за да ги финансира делата и авторите, бидејќи од објавените податоци резултира дека има хаотичен систем на вреднување, каде што не се земаат предвид  вредности што ги носи едно дело, новините на тоа дело, обемноста, страниците, професионалната ангажираност  на уредниците  и лекторите и др. Вреди да се каже дека повеќе средства добива еден број на некоjа книшка отколку четири броја на Јувенилија (!) и не се малкумина авторите кои се избрани (галени) за да бидат фаворизирани, без да се знае врз кои галенички критериуми се потпирала претходно комисијата, особено членовите Албанци.
  9. Комисијата за издавачка дејност (особено членовите Албанци) не ги финансирала воопшто и неколку дела и автори, кои не само што се многу повеќе заслужни за развојот на книжевниот живот кај нас, но тие во многу аспекти претставуваат и модел во книжевната дејност која ја култивираат.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ