сабота, 19 октомври 2024

Ем ракомет, ем навивање, ем пушење на топло!

Објавено на

часот

Сподели

Српскиот Закон за забрана на пушење е полиберален од македонскиот

Нашиот северен сосед сè уште ги нема имплементирано строгите европски закони со кои Македонците се соочија пред две години, па затоа меракот на црвено-жолтите фанови е огромен. Ем си дошле на ракомет, ем си навиваат, ем си пушат на топло.

„Кога доаѓавме накај Ниш и видовме колку е постудено од кај нас, си рековме дека уживањето со српската скара и алкохол нема да биде потполно зашто не ни се „мрзнеше“ надвор за цигара. Но кога влеговме во Ниш и кога видовме дека тука во сите кафулиња пишува дека пушењето е дозволено, ни немаше крај на меракот“, ни соопшти една госпоѓа од Скопје, која со огромно задоволство ги „швајсуваше“ цигарите.

Во Србија постои Закон за забрана на пушење во затворени простории, но секое кафуле може да побара од државата специјална лиценца, по што го истакнуваат написот на влезната врата дека внатре може слободно да се „чади“. Лиценцата веројатно лесно се добива, зашто во Ниш не видовме локали каде што е забрането пушењето. Иако имаше многумина на кои не им беше мерак да јадат и да пијат во зачадени простории, сепак задоволството на пушачите беше неизмерно. Згора на тоа, во Србија и цигарите се многу поевтини, па задоволството на „никотинџиите“ беше комплетно.

Нашите навивачи уживаа во „поволностите“ што им ги нуди срспкиот Закон

А како поинаку би биле послатки српските ракии „дуња“, „кајсија“, „шљива“ или како би биле повкусни ребрата на кајмак, големата шарска и салатата од пиперки со праз, ако со сето ова не се запали цигара. Нишлиите сигурно се пресметале дека сите нивни специјалитети се попусти ако муштериите не запалат цигара. Затоа и речиси сите угостителски објекти имаат налепница дека пушењето е дозволено.

Шокирани од тоа дека може да запалат цигара насекаде навивачите се „опуштија“ и во салата Чаир, за време на првиот меч на Македонија пред два дена, но организаторот неколкупати ја опомена публиката, обезбедувањето направи неколку минирации низ навивачите, па работата набрзина се среди. Според строгите правила на Европската ракометна Федерација (ЕХФ), почетокот на еден меч може да се одложи ако салата е зачадена од цигари, а организаторот да добие драстична казна. Но бидејќи организатори на ова ЕП се токму ЕХФ и државата Србија, тешко дека тие ќе се самоказнат ако некој претера со пушењето во салите.

Од Ниш, Златко Крстевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ