Елвис Присли ќе наполнеше деведесет оваа среда, доколку не умреше на 16 август 1977 година на четириесет и три години. 75.000 обожаватели од целиот свет се собираат секоја година на имотот Грејсленд во Мемфис, каде што тој умре. Оваа година ќе ги има повеќе, пренесува Дојче веле.
Организаторот на годишнината од смртта ветува дека меѓу 8 и 10 јануари ќе се организира „незаборавна прослава“ со концерти, дискусии, специјални програми… Меѓу специјалните гости се ретки живи современици на Елвис, како Ричард Стербен, кој беше придружен вокал на настапите на Елвис. Целиот настан ќе биде достапен онлајн.
Имотот во Мемфис е, по Белата куќа, најпосетуваната историска зграда во САД.
Елвис Присли е роден на 8 јануари 1935 година во гратчето Тупело во Мисисипи. Кога имал 13 години, семејството се преселило во Мемфис, во соседната американска држава Тенеси. Таму, во 1954 година, ги снимал своите први песни во студиото на легендарната музичка компанија Сан рекордс. Две години подоцна, Елвис го издаде својот прв голем хит Хартбрејк хотел.
Од 1958 до 1960 година го отслужил воениот рок во американската база во Фридберг, Германија. Бидејќи веќе бил ѕвезда, имал одредени привилегии, а неговото друштво го барале познати луѓе од Германија. Тој не живеел со другите војници во касарните, туку во хотел во блискиот Бад Нојхајм, со својата баба, татко и двајца телохранители. Денеска гостите можат да преноќат во „Елвис собата“ во тој хотел.
Иако му било забрането да настапува за време на воениот рок, Елвис нашол начин да се занимава со својата главна страст – музиката.
Елвис не го поминувал времето во Германија само на брзи автомобили и рокенрол. Таму ја запознал и својата идна сопруга Присила. Ќерка на американски офицер која имала 14 години кога се запознале. Тие се венчале во 1967 година во Лас Вегас, се разведоа во 1973 година.
По завршувањето на воениот рок, во Америка тој глуми во серија филмови. Сè помалку имал имиџ на млад бунтовник, се повеќе станувал филмски убавец кој со својата песна ги заведува жените.
Ја прекинал својата филмска кариера и се вратил на музичката сцена во 1969 година. Од тоа лето, до август 1977 година, одржал 1.100 концертни настапи. И цело време неговите здравствени проблеми се влошувале. Се здебелил, станал зависен од дрога и апчиња. Последниот концерт го одржал во јуни 1977 година, два месеци пред неговата смрт.
Неговото музичко наследство живее низ целиот свет.