сабота, 27 јули 2024
Во Галичник им почнала, таму и ќе ја крунисаат љубовта

Елисавета Булоска и Оливер Андреевски се годинашните младенци на Галичка свадба

Објавено на

часот

Сподели

Во Галичник започна нашата љубов со Оливер. Многу ми е драго што и таму ќе ја овековечиме. И двајцата сме многу среќни, тука сме еден за друг да се поддржиме, изјави денеска на прес конференцијата годинашната галичка невеста, Елисавета Булоска која има потекло од Охрид.

Невестата Булоска посочи оти и е многу драго што нивната љубов ќе ја овековечат токму во Галичник.

Младоженецот Оливер Андреевски изјави дека цел живот посакувал да биде зет на Галичка свадба, а aдетот кој со нетрпение го очекува со нетрпение е „бричењето на зетот“.

„Јас имам потекло од Галичник, а невестата има потекло од Охрид. Меѓутоа, се знаеме пет години. Постојано и зборувам за Галичник и така се случи оваа година да одлучиме да аплицираме на повикот од месната заедница и со голема желба, љубов и почит кон нашите претци да учествуваме на свадбата заедно со нашите семејства, да се венчаме токму во Галичник и со сите обичаи кои што следуваат во програмата на Галичка свадба“, рече на денешната прес-конференција младоженецот Андреевски.

Ана Сариевска, режисерка на Галичката свадба, рече дека има обврска на сите млади да им ги пренесе свадбените обичаи и адети како што ги научила од нејзините предци. За истата цел, се организира соодветна обука низ која поминуваат младите, каде што се третира онаа материја од самите обичаи и адети.

„Среќна сум што го одбележуваме овој јубилеј затоа што потекнувам од семејство кое што е дел од основоположниците на оние што почнаа да организираат Галичката свадба. Многу сум среќна што учевме од нив. Имаме обврска овие три дена кога се случува свадбата да искоординираме околу 250 луѓе кои се техничка поддршка, учесници, нашите зет и невеста, нивните фамилии, пријатели и останатите учесници во свадбата“, рече Сариевска на прес-конференцијата.

Таа објасни дека свадбата е жива работа, односно е претстава под отворено небо во неконтролирани услови и тоа го прави уште потешко самото нејзино одвивање, но успешно се соочиле со овие предизвици и истите ги надминуваат секоја година.

Александар Костиќ од месната заедница Галичник апелираше до учесниците да се придржуваат до правилата заради непречено и безбедно одржување на Галичката свадба.

Тој информираше дека за време на викендот во Галичник ќе има сообраќаен режим, каде паркирање на потегот каде што ќе се одвива Галичката свадба и каде што ќе се одвиваат обичаите, нема да биде дозволено.

„Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во петок, 14 јули, ќе биде забранет од 21 до 1 часот изутрината. Во сабота, 15 јули, сообраќајот ќе биде забранет од 18 до 22 часот и недела, 16 јули, од 7 до 15 часот. Сообраќајот може да биде затворен и надвор од овие термини ако за тоа се утврди дека има потреба. Оној кој ќе има потреба од сопствениот автомобил во овие термини, автомобилот треба да го паркира надвор од Галичник“, посочи Костиќ.

Министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска, рече ова е време кога се слават љубовта, семејството и заедницата.

„60 години традиција, радост за враќање дома во родниот крај и 60 години Галичка свадба. Историски мост помеѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современост. Галичка свадба е повеќе од еден обичен настан, таа претставува вистинско патување низ времето, волшебен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите и ги чуваме со голема почит“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа информираше дека Институтот за фолклор работи на елаборат, со кој за првпат оваа традиција ќе ја добие „заслужената институционална заштита“.

„На овој начин, ќе се заштитат од заборав уникатните обичаи кои го претставуваат битот на македонскиот народ и се потсетник на едно друго време, начин на живот, ниво на култура и свест што не смее да се заборави. На младинците им пожелувам долг и спокоен живот“, рече министерката.

Во програмата за Галичка свадба предвиден е целовечерен концерт на „Фолтин“, кој ќе се одржи на 14 јули, а в сабота доцна попладне почнуваат сите обичаи поврзани со Галичката свадба. За време на Галичката свадба во Галичник ќе има и сообраќаен режим.

Покровител на манифестацијата Галичка свадба е претседателот на државата Стево Пендаровски, кој по татко е галичанец.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ