Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп испратил порака до украинскиот лидер Володимир Зеленски, барајќи од него да почне да размислува за прекин на огнот и да ги напушти териториите што моментално се под контрола на Русија, објави денеска Ел Паис.
Трамп повеќе пати вети дека ќе му стави крај на конфликтот во Украина во рок од еден ден по преземањето на функцијата, но досега нема објаснето како планира да го постигне тоа.
„Ако погледнете некои од овие градови, ќе видите дека ниту една зграда веќе не е во добра состојба. Значи, кога велите ‘обнови ја земјата’, што да обновиш? Ова е 110-годишна реконструкција“, ја цитира шпанскиот весник пораката на Трамп до Зеленски од неговиот голф-клуб од Флорида оваа недела.
Претходно месецов Трамп ги повика и Украина и Русија да постигнат итен прекин на огнот. Тој го објави повикот на својата платформа за социјални медиуми Трут сошл по средбата во Париз со Зеленски и претседателот Емануел Макрон.
Волстрит џурнал во почетокот на декември објави, цитирајќи официјални претставници, дека Трамп рекол дека Западна Европа треба да распореди свои војници во Украина за да го надгледува потенцијалниот прекин на огнот. Тој, наводно, додал дека ЕУ треба да ја игра главната улога во одбраната и поддршката на Киев, додека Вашингтон би можел да ги поддржи напорите без испраќање војници.