Во неговите очекувања на економски план рече дека почнатите инфраструктурни проекти во 2025 ќе бидат со засилена динамика или завршени и дека во меѓувреме ќе се развиваат нови проекти.
Повтори дека очекува пред почетокот на туристичката сезона во Охрид да биде пуштена и делницата од Врбјани до Охрид на автопатот Кичево-Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, каде има свлечиште на чие отстранување се работи. На крајот на 2026 година се очекува да се пушти целата автопатска делница.
Според Мицкоски, забрзано се работи и на автопатите на Коридорот 8 и Коридорот 10 д.
„Патот Гостивар-Букојчани се работи, очекувам да заврши тендерот којшто ќе ги поврзе Букојчани со автопатот Кичево-Охрид. Исто така забрзано се работи на патот Прилеп- Битола, очекувам да почне Тетово-Гостивар и Требениште – ГП Ќафасан по нова рута бидејќи сегашната навлегува во делот што е заштитен од УНЕСКО“, изјави Мицоски.
Тој истакна дека очекува поуспешна година на економски план, со раст на БДП меѓу 3,5 и 4 проценти, буџетски дефицит под 4 проценти и инвестиции од над милијарда евра.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува 2025 година да биде поуспешна од 2024 година, со раст на БДП помеѓу 3,5 и 4 проценти, инвестици од над милијарда евра и буџетски дефицит под 4 проценти.
„Очекувам параметрите во економијата во 2025 година да бидат подобри од тие што се во 2024 и растот на БДП да дојде до близу 4 проценти, помеѓу 3,5 и 4 проценти, иако проектираниот е на 3,7 проценти“, рече Мицкоски, на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новиот скијачки центар „Михајлово“.
Според него, 2024 година ја завршивме со подобри резултати од очекуваните на економски план.
„Очекуваме да имаме позитивни параметри за растот на БДП за четвртиот квартал со што севкупно растот за 2024 година да биде 2,6 проценти, 2,7 проценти, а зошто да не и 3 проценти, зависно од тоа како ќе биде четвртиот квартал поради слабиот прв квартал бидејќи третиот и четвртиот се навистина успешни, би рекол најдобри во регионот“, изјави Мицкоски.
Повтори дека очекува нивото на странски инвестиции да надмине милијарда евра за 2024-та и уште поголем износ за 2025-та.
Буџетскиот дефицит за 2024, како што го информирала вчера министерката за финансии, има подобри параметри од предвидените и нема да биде 4,9 проценти, туку 4,4 проценти.
„За 2025 очекуваме да биде под 4 проценти. Навистина ќе имаме убави финансиски параметри, ќе бидеме меѓу првите пет-шст најбрзорастечки економии и ќе се вратиме на местата каде бевме пред 10-ина години кога станува збор за економијата“, изјави Мицкоски.