Во последните денови се засили воздушната војна меѓу Русија и Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија во пет дена лансирала околу 300 проектили и 200 беспилотни летала. Русија кон крајот на минатата недела го изврши најголемиот воздушен напад од почетокот на војната, при што загинаа повеќе од 40 луѓе. Украинските сили одговорија со напад врз Белгород, во кој беа повредени и повеќе од 100 луѓе.
Синоќа нови експлозии беа пријавени во Белгород, а регионалниот гувернер изјави дека се уништени неколку беспилотни летала. Во Севастопол, најголемиот град на украинскиот полуостров Крим под руска окупација, беше соборен проектил над пристаништето, објави на Телеграм прорускиот гувернер Михаил Развожаев. Нема извештаи за жртви или материјална штета.
Во вторникот руски проектили ги погодија најголемите градови во Украина, вклучувајќи ги Харков и Киев, при што загинаа најмалку пет лица, а десетици беа ранети, соопштија локалните власти. Забележано е и дека едно лице загинало во украинскиот напад на Белгород.
Тие напади уследија откако рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ја засили офанзивата како одговор на неодамнешните украински напади.
Во своето ноќно обраќање во вторникот, Володимир Зеленски рече дека Русија истрелала „речиси сто проектили од различни типови“ тој ден. Тие, рече тој, „биле специјално избрани од непријателот за да предизвикаат што е можно поголема штета“.
Во изјавата за Би-би-си подоцна, украинската амбасадорка во САД, Оксана Маркарова, рече дека неодамнешното руско бомбардирање „не беше изненадување“ – туку дека за да победи во војната, на Украина ѝ треба повеќе оружје за да одговори и да прати „јасна порака до Русија да престане“.