сабота, 27 јули 2024

Експертите предупредуваат, а Владата не се откажува од ХЕЦ Чебрен да го продаде на грчка фирма

Професори и инженери веќе подолго време предупредуваат на штетните последици по македонската сувереност, енергетска независност, ако стратешкиот проект ХЕЦ Чебрен се продаде на која била странска држава. Но, државата не се откажува од тоа до крајот на декември да го потпише договорот со грчкиот инвеститор.

Објавено на

часот

Сподели

„Струјата од наш џеб,  ја даваме на некој, односно ја даваме во друг џеб. Сега имаме струја, а ќе треба нашата електрична енергија да ја купуваме на берза. Губиме сопствено производство“, вели професорот Атанаско Туневски.

Инвеститорот кој ќе го гради Чебрен во пакет ја добива и ХЕЦ Тиквеш. ЕСМ размислува да го продаде и првиот од трите блока на РЕК Битола да го управува приватен оператор. Со ова се поставува прашањето дали полека се раздава имотот на државните електрани.

Експертите велат дека секое раздавање е поткопување на енергетската независност на македонската држава.

Еден од главните столбови е енергетскиот суверенитет, ако него го поткопате вие немате држава. Ако со струјата управуваат странци, ќе бидеме робови во сопствената држава“, додава Туневски.

Експертите соопштија и дека реализацијата на целиот проект можно е да се одложи. Македонскиот ресурс не е за распродавање . Бараме Владата да го стопира процесот на потпишување на договорот за давање на Чебрен на грчки Архидерон.

„Ние се лишуваме од нашата електрична енергија од ХЕЦ Тиквеш и ги предаваме во рацете на странскиот инвеститор. На тој начин веднаш е јасно дека ја поткопуваме енергетската независност на државата“, рече Туневски

Експертите се согласни дека Чебрен треба да се изгради, но не смее да се брза со потпишување на ваков договор, со кој Грците гратис го добиваат Тиквеш. Тие сугерираат дека мора да се најде начин Македонија сама да ја изгради хидоцентралата Чебрен. Според експертите, Македонија добила и жалба од грчката компанија за тоа дека на тендерот учествувале под едни услови, а одлуката е под други и во истата не била спомената ХЕЦ Тиквеш.

„Има многу правни недоследности и нелогичности во постапката кои ќе го оспорат потпишувањето на договорот. До 14 декември е обврска да се формира заедничка компанија. Страната која го доби тендерот има поднесено жалба на одлуката на Владата со која е доделен. Тоа значи дека процесот ќе се одложи“, рече професорот Константин Димитров.
Експертите апелираат до Владата да го стопира процесот и Чебрен да остане во рацете на домашните експерти и стручни лица.

Во септември Владата донесе одлука грчка компанија да ја гради централата на Црна Река. Проценките се дека ќе чини една милијарда евра, заедно со камати.

Хидроцентралата Чебрен е децениски проект. Досега имало 13 неуспешни тендери за избор на инвеститор, во последните 20 години.

Вечерва премиерот Димитар Ковачевски изјави дека договорот ќе се потпише согласно роковите и тендерската документација. Согласно владината одлуката рокот е до средината на декември..

„Сега останува на нив, во соработка со Министерството за животна средина, со министерката која е овластена од страна на Владата, да го потпише договорот, и низ процедура тој договор да се потпише на заемно задоволство на грчката компанија, на Владата и секако ЕСМ кој што треба да биде содружник во новата компанија“, изјави Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ