сабота, 1 март 2025

Експертите поделени, дали Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ да се избираат со апсолутно мнозинство во Собранието

Членовите на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ да се избираат со апсолутно, натполовично мнозинство од пратениците во Собранието наместо со квалификувано двотретинско мнозинство, да се овозможи јасна и задолжителна процедура што во процесот на одлучување за најдобрите кандидати ќе ги вклучи и претставниците на стручната и заинтересираната јавност, да се подобри самиот процес на избор на членовите и да се врати системот на овластени предлагачи со прецизни одредби за профилот и стручноста на кандидатите за членови на овие две тела – се препораки од денешната тркалезна маса „Како до компетентни регулаторни тела?“

Објавено на

часот

Сподели

Настанот го организираше Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) чија цел е да подготви документ со заклучоци за преосмислување на регулацијата на аудиовизуелните медиумски услуги, а со тоа и улогата и задачите на регулаторното тело, кој потоа ќе го достави до надлежното министерство.

Дејан Георгиевски од ЦРМ смета дека се покажале неадекватни измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 31 декември 2018 година и воведените новини во изборот и именувањето на членовите на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ. Како што рече, тоа го потврдува фактот дека изборот на новите состави на двете тела се одложува речиси шест години, со два неуспешни јавни конкурса и трет кој сè уште трае за Советот на АВМУ, а за Програмскиот совет на МРТ не е ни објавен.

Првата препорака, рече тој, е  враќање на апсолутното мнозинство при изборот на членовите, по примерот и на други регулаторни тела (за енергетика, за електронски комуникации…) каде што нема потреба од двотретинско мнозинство затоа што „не се работи за системски закон или засновано на уставни постулати“.

„Она што ни е особено потребно и што е втората поента е како да обезбедиме најдобрите, најстручните кандидати да испливаат највисоко на таа листа. Сегашниот систем, можеби добро замислен, не ја оствари својата функција, особено не по основ на јавна расправа што ја немаше во вистинска смисла – за јавен распит на кандидатите, што мислат и што сакаат да кажат. Затоа сметаме дека можеби би било добро да се врати системот на овластени предлагачи  што ги имавме, и тоа да бидат организации и здруженија со искуство во работата на аудиовизуелните медиуми“, рече Георгиевски.

Според Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија, во двете тела (Советот на АВМУ и програмскиот совет на МРТ) се гледа политичка блокада поради неизбор на членовите и немање политички консензус.

„Политичките партии не најдоа за сходно да направат консензус за двотретинско мнозинство во последните шест години со цел да направат реален избор на нови кандидати“, рече Секуловски.

Тој не се согласува со укинување на двотретинско мнозинство и смета дека „ќе биде грешка ако се врати системот на апсолутно (просто) мнозинство“.

„Да не заборавиме дека независноста на регулаторот којашто ја уживаме во последните години е производ на тоа двотретинско мнозинство. Факт е дека со двотретинското ризикот е тој да нема избор, но, од друга страна, пак, претставува некаков гарант дека и да сакаат да направат состав од луѓе што се политички блиски  до одредени партии ќе се измачат и ќе стане очигледно, нешто што сега се случува“, рече Секуловски Тој се согласува дека треба да има подобрување во однос на јавната дебата за избор на кандидатите и во однос на предлагачите.

Снежана Трпевска од Институтот РЕСИС, експертка за медиумски политики, смета дека е потребно воведување системско решение за да се избегне партиското влијание. Зборувајќи за своето работно искуство од почетоците на АВМУ, тогаш Советот за радиодифузија, рече дека пред 25 години Советот „направил се Владата да не може да влијае на одлуките… и успеа да извлече максимум од законските одредби“.

„Ние може да се трудиме да ги поправаме законите, но ако политичкиот систем ни е таков во кој клучните субјекти кои влијаат на имплементацијата на законите одлучат да ги дезавуираат законите, тоа ќе го направат… Системско решение ни е потребно, некој правен акт со што пратениците од било кој состав ќе се обврзат дека за избор на членови на вакви тела мора да се воведат принципи со кои навистина ќе се вреднуваат компетенциите и искуството“, рече Трпевска.

Членовите треба да бидат стручни за одлуките што ги носат затоа што, рече, вработените во стручната служба на АВМУ станале поголеми експерти од тие што ги носат одлуките и „дел од стручната служба со право аплицирале за членови во Советот“. Компетентноста на тоа тело, рече Трпевска, е особено важна денес со новите трендови со онлајн-платформите за разлика од минатото кога главна задача му било делењето фреквенции.

„За ова тело да биде компетентно и да може да одлучува, особено сега во новото опкружување, кога добива многу сериозни задачи – да надгледува што се случува на онлајн-платформите, особено оние за споделување видеа, се бара многу повеќе знаење“, рече Трпевска, додавајќи дека на ова тело му претстои сериозна задача и со новиот пакет европски регулативи, особено со Регулативата за дигитални услуги.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ