Настанот го отвори министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој најави целосна дигитализација на сите општини до 2026 година.
Првиот панел – „Дигитално банкарство и финтек-индустрија“ беше модериран од Киро Бурназовски, менаџер во Евротраст, и го истакна брзиот раст на мобилното и електронското банкарство. Панелистите: проф. д-р Георги Димитров, основач и претседател на Управниот одбор на Евротраст технолоџис, Билјана Мишиќ, извршна директорка на Иуте Македонија, и Милена Спасовска, раководителка за платежни картички и дигитални канали во Капитал Банка АД, дискутираа за адаптацијата на традиционалните банки, дигиталните паричници и моделот „Купи сега, плати подоцна“ (Buy Now, Pay Later, БНПЛ). Нагласено беше значењето на револуционерниот универзален дигитален паричник за севкупна идентификација на поединците, достапен на ниво на ЕУ веќе од март 2025, и безбедноста на услугите како клуч за идниот успех.
Вториот панел –„Бизнисот, законот и заедницата: како големите компании го обликуваат економскиот и општествениот раст“ беше модериран од Невена Георгиевски Ангеловска, менаџерка за комуникации во Пивара Скопје, и ги осветли стратегиите за придонес кон економскиот развој и потребата од правна регулатива што поттикнува бизнис сигурност. Говорници на овој панел беа: Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, кој ги презентираше резултатите од Студијата за социо-економското влијание на Пивара, Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Адора бизнис групација, кој зборуваше за важноста на домашните инвестициите во клучните гранки – градежништво, енергетика и финансии, кои се двигатели на секоја економија, и д-р Ана Пепељугоска, партнерка во Адвокатското друштво Пепељугоски, која го нагласи значењето на регулативата за иновации и развој.
Третиот панел „Иновации во финансискиот сектор: Од нови технологии до инвестициски трендови“ беше модериран од Наташа Велковска, директор за ПР и контент-продукција во Репрезент комјуникејшнс Македонија (Represent Communications Macedonia), и анализираше како дигитализацијата, блокчејн-технологијата и вештачката интелигенција влијаат врз финансиските услуги. Панелистите Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка на КаСис, Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Дајнерс Македонија, и Иван Ивановски, претприемач и инвестициски консултант, се согласија дека иновативните решенија во платежните услуги и е-трговијата се неопходни, но истакнаа дека едукацијата и зголемувањето на финансиската писменост остануваат приоритет.
Четвртиот панел: „Одговорност за иднината: Вложување во луѓето и локалните заедници“ беше модериран од Катерина Јордановска Манева, менаџер за маркетинг и односи со јавноста во Кроација осигурување, и го нагласи значењето на човечкиот капитал и локалните заедници за одржлив раст. Говорници беа д-р Катерина Бошевска, извршна директорка на Еос Матрих, Кристина Крстева, директорка за одржлив развој на Бучим – Боров Дол, и Жана Базби, психолог и бизнис консултант од Лондон. Дискусијата покажа дека некои компании во Македонија веќе применуваат сериозни стратегии за инвестирање во заедницата и достигнување на глобалните ЕСГ стандарди, но сѐ уште социјалниот аспект е занемарен, особено во делот на благосостојба и грижа за ментално здравје за вработените.
Во рамките на настанот, Борислав Миљановиќ, основач и сопственик на Репрезент системс ги водеше ексклузивните интервјуа со Раде Ракочевиќ, основач на Сензал капитал и Небојша Матиќ основач и сопственик на Микроелектроника. Ракочевиќ ги охрабри учесниците да инвестираат на берзата за долгорочна стабилност, а Матиќ ја сподели успешната приказна за воведувањето на 4-дневната работна недела.
„Економска средба – светот во 2025“, во организација на Репрезент комјуникејшнс Македонија и Колор медиа Македонија не беше само конференција, туку арена на идеи што инспирираат, отвораат нови хоризонти и создаваат конкретни можности.