сабота, 27 јули 2024

Економист: Либералниот светски поредок полека пропаѓа

Неговиот колапс може да биде ненадеен и неповратен, пишува Економист.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На прв поглед, светската економија изгледа охрабрувачки отпорна. Америка цвета иако нејзината трговска војна со Кина ескалира. Германија ја издржа загубата на руски гас без да претрпи економска катастрофа. Војната на Блискиот Исток не донесе нафтен шок. Хутите, кои испукуваат ракети, едвај го чепнаа глобалниот протек на стоки. Како дел од глобалниот БДП, трговијата закрепна од пандемијата и се предвидува дека оваа година ќе расте.

Меѓутоа, ако погледнете подлабоко, ќе ја видите кревкоста. Поредокот што владееше со глобалната економија од Втората светска војна со години е поткопуван. Денес е блиску до колапс. Алармантниот број проблеми може да предизвика пад во анархија, каде што моќните се секогаш во право, а војната повторно станува алатка кон која се вртат големите сили. Дури и ако конфликтот никогаш не се случи, последиците од колапсот на нормите за економијата може да бидат брзи и брутални.

Распадот на стариот поредок е видлив насекаде. Санкциите се користат четири пати повеќе отколку во 1990-тите; Америка неодамна воведе „секундарни“ санкции против субјектите што ја поддржуваат руската војска. Во тек е субвенциска војна, додека земјите се обидуваат да ја копираат големата државна помош на Кина и Америка за зеленото производство. Иако доларот останува доминантен, а економиите во развој се сè поотпорни, глобалниот протек на капитал почнува да се расцепува.

Институциите што го чуваат стариот систем или се нефункционални или брзо го губат кредибилитетот. Светската трговска организација следната година го слави својот 30-ти роденден, но помина повеќе од пет години во стагнирање поради американското занемарување. Меѓународниот монетарен фонд минува низ криза на идентитетот, заглавен меѓу зелената агенда и обезбедувањето финансиска стабилност. Советот за безбедност на Обединетите нации е парализиран. А меѓународните судови како Меѓународниот суд на правдата сѐ повеќе се користат како оружје од завојуваните страни. Минатиот месец, американските политичари, вклучително и Мич Мекконел, лидерот на американските републиканци во Сенатот, му се заканија на Меѓународниот кривичен суд со санкции доколку издаде налог за апсење на лидерот на Израел, кој Јужна Африка пред Меѓународниот суд на правдата го обвини за геноцид. .

Досега, фрагментацијата и распаѓањето ѝ наметнуваа тивок данок на глобалната економија: видлив, но само ако знаете каде да погледнете. За жал, историјата покажува дека се можни подлабоки, похаотични колапси – и може да удрат ненадејно штом ќе почне падот. Првата светска војна ја усмрти златната доба на глобализацијата, за која многумина тогаш веруваа дека ќе трае вечно. На почетокот на 1930-тите, по почетокот на Големата депресија, американскиот увоз падна за 40 отсто за само две години. Во август 1971 година Ричард Никсон одеднаш го суспендираше конвертирањето долари во злато; само 19 месеци подоцна, системот Бретон Вудс за фиксните стапки на размена се распадна.

Денес е лесно да се замислат слични поделби. Враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа би значело продолжување на ерозијата на институциите и нормите. Стравувањата од втор бран евтин кинески увоз би можеле да го забрзаат тоа. Директна војна меѓу Америка и Кина за Тајван, или меѓу Западот и Русија, може да доведе до општ колапс.

Во многу од овие сценарија, загубата би била многу подлабока отколку што многумина сфаќаат. Популарно е да се критикува неконтролираната глобализација како причина за нееднаквоста, глобалната финансиска криза и занемарувањето на климата. Но достигнувањата од 1990-тите и 2000-тите – на врвот на либералниот капитализам – не може да се споредат со ништо во историјата. Стотици милиони луѓе беа извлечени од сиромаштија во Кина додека таа се интегрираше во глобалната економија. Стапката на смртност на новороденчиња во светот е двојно пониска отколку во 1990 година. Процентот на глобалното население убиено во меѓудржавни конфликти достигна повоено најниско ниво од 0,0002% во 2005 година; додека во 1972 година беше речиси 40 пати поголем. Најновото истражување покажува дека ерата на „Вашингтонскиот консензус“, кој денешните лидери би го замениле, била ера во која сиромашните земји почнале да уживаат во растот што го надоместува заостанувањето, намалувајќи го јазот со богатиот свет.

Колапсот на системот се заканува да го забави тој напредок, па дури и да го смени. Откако ќе биде скршен, тешко дека ќе го заменат нови правила. Наместо тоа, светските настани ќе западнат во својата природна состојба на анархија, која фаворизира насилства и грабежи. Без доверба и институционална рамка за соработка, на земјите ќе им биде потешко да се справат со предизвиците на 21 век, од ограничувањето на трката во вооружување до вештачката интелигенција или соработката во вселената. Со проблемите ќе се занимаваат клубовите на државите-истомисленици. Тоа може да функционира, но почесто ќе вклучува принуда и незадоволство, како што е случајот со европските гранични тарифи за карбонот или кинеската кавга со ММФ. Кога соработката ќе му го отстапи местото на вооружувањето, државите се помалку рационални.

Во очите на Кинеската комунистичка партија, на Владимир Путин или на другите циници, системот во кој моќникот е секогаш во право не е ништо ново. Тие го гледаат либералниот поредок не како реализација на возвишени идеали, туку како практикување на сировата американска моќ – моќ што сега е во релативен пад.

Вистина е дека системот воспоставен по Втората светска војна доведе до брак меѓу интернационалистичките принципи на Америка и нејзините стратегиски интереси. Меѓутоа, либералниот поредок донесе и многу придобивки за остатокот од светот. Голем дел од сиромашните во светот веќе страдаат поради неспособноста на ММФ да ја реши државната должничка криза што уследи по пандемијата на ковид-19. Земјите со среден приход, како Индија и Индонезија, кои се надеваат дека ќе влезат во светот на богатите, ги разгледуваат можностите создадени со расцепувањето на стариот поредок, но на крај ќе се потпрат на тоа дека глобалната економија ќе остане интегрирана и предвидлива.

А просперитетот на голем дел од развиениот свет, особено на малите, отворени економии како Британија и Јужна Кореја, најмногу зависи од трговијата. Поткрепена од силниот раст во Америка, може да изгледа дека светската економија може да преживее сѐ што ќе ѝ се случи. Не може.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ