сабота, 27 јули 2024

Економист: Косово повторно врие, вината е на Курти

Објавено на

часот

Сподели

Опишувајќи ја најновата ескалација на северот на Косово, британскиот неделник оценува дека на кризата не ѝ се гледа крајот и дека опасноста од насилство од пошироки размери овој пат е реална.

Весникот потсетува дека американскиот и европскиот претставник Габриел Ескобар и Мирослав Лајчак пролетва направија исчекор постигнувајќи договор за примена на планот според кој Србија би го третирала Косово како вистинска држава, освен по име, додека за возврат српското малцинство би добило некаков вид автономија, што им беше ветено со Бриселскиот договор од 2013 година.

Србија, меѓутоа, го прекрши новиот договор обидувајќи се да го блокира пристапувањето на Косово во Советот на Европа, пишува Економист.

Америка и ЕУ потоа побараа од косовскиот премиер Аљбин Курти физички да не ги поставува албанските градоначалници во општинските згради на северот на Косово, но тој тоа сепак го направи, нарушувајќи го статус квото од изминатите 20 години и вознемирувајќи ги косовските Срби, додава весникот со оценка дека Курти, поранешен политички затвореник во Србија, открил дека тврдата игра се исплати.

Наведувајќи дека руската инвазија на Украина го менува политичкиот пејзаж, Економист оценува дека претседателот на Србија Александар Вучиќ, иако одбива да се придружи на санкциите против Русија, им дозволува на српските компании да ѝ испраќаат оружје на Украина, додека американскиот амбасадор ја фали Србија како „сè подобар партнер“.

Вината, значи, е на Курти, пишува весникот пренесувајќи ги зборовите на еден дипломат кој се сомнева дека Курти ќе го одржи своето ветување за автономија за косовските Срби и сугерира дека кризата на северот може да му помогне да го прикрие фактот дека не успеал да исполни многу од своите ветувања.

Неволјите на Косово може да бидат и добредојдено свртување на вниманието за Вучиќ, кој се соочува со демонстрации дома, се додава.

Веќе 30 години Америка е најголемиот поддржувач на косовските Албанци. Сега не само што се Американците против Курти, туку е и Еди Рама, премиерот на соседна Албанија. Но, Курти не е вознерирен.

Америка и ЕУ веќе почнаа да воведуваат мерки против Косово, но не и против Србија. На оваа криза не ѝ се наѕира крајот. А опасноста од насилство од пошироки размери е реална, заклучува Економист.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ