сабота, 27 јули 2024

Еко-свест: Наместо една милијарда евра за гасификација, парите да се употребат за производство на струја во секое домаќинство

Стратегиите и плановите за гасификација на државата ги потценуваат трошоците и ги преценуваат можностите на гасификацијата. Трошоците за изградба на целата гасна мрежа во државата може да надминат високи 1 милијарда евра, а со високите трошоци за инвестиции доаѓаат и високи трошоци за крајните корисници, што го прават приклучувањето кон овој енергенс неприфатливо скапо, велат од Еко-свест базирајќи се на резултатите од нивната најнова студија. Според оваа невладина организација, со истите пари би можело да се преземат „значителни мерки за енергетска ефикасност и производство на енергија во секое домаќинство“.

Објавено на

часот

Сподели

Студијата иницирана од Еко-свест и изработена од Регионалниот центар за истражување на енергетски политики од Унгарија – РЕКК укажува дека цените на гасот во последниве години станаа многу нестабилни, а со тоа и трошоците за изградба на гасоводите се зголемија. РЕКК проценува дека треба да се очекува зголемување од најмалку 35 отсто во споредба со проценките во планот за гасификација, што ќе доведе до вкупни трошоци за изградба од 791 до 1,086 милијарди евра за гасоводната мрежа, без трошоци за користење на земјиштето и дополнителни инвестиции во компресорите.

Дополнително, трошоците за приклучоци, користењето на гасот и набавка на опрема ги надминуваат финансиските можности на доминантен дел од домаќинствата што евентуалното префрлање на овој енергенс го прави неисплатливо и тешко изводливо.

„Под претпоставка дека корисниците на системот плаќаат за развојот и функционирањето на мрежата студијата проценува дека мрежната тарифа ќе се движи од 12 до 26,6 евра за мегават час што е 100 до 300 отсто повисоко од сега. Тоа укажува дека според сегашните регулативи, трошоците за мрежата се потценети“, велат од Еко-свест.

Експертското моделирање на РЕКК, посочуваат од оваа невладина организација, откри дека доколку домаќинствата и другите корисници треба да ги платат вкупните трошоци за инвестирање во мрежата, мрежните тарифи би биле толку високи што ниту едно од домаќинствата нема да се префрли на гас.

„Плановите за гасификација претпоставуваат високи стапки на поврзување на домаќинствата со гас. На пример, студијата на ЕБОР од 2020 година претпоставува дека ќе се приклучат од од 55 до 100 проценти од домаќинствата во зависност од општината. Но, оваа проценка се заснова на искуства од странство, додека во Македонија до 2022 година поради високата цена беа потребни повеќе од 12 години да се приклучат само 503 корисници директно на дистрибутивната гасоводна мрежа во Скопје, Куманово и Струмица“, велат од Еко-свест.

РЕКК разгледал и што друго може да се направи со парите што се очекува да се потрошат за гасоводната мрежа. Открил дека, со шема во која државата покрива 90 отсто од трошоците и остава 10 отсто на домаќинствата, 49 отсто од едносемејни куќи може да бидат обезбедени со соларни фотоволтаични инсталации, а 40 отсто со топлонски пумпи (воздух-воздух) или 15 отсто би можеле да имаат термичка изолација зградата.

„Кога станува збор за субвенционирање на одредени мерки во овој сектор, опцијата за овозможување на субвенции од државата за приклучување кон гасната мрежа се смета за неоправдана бидејќи јавните пари треба да се трошат за одржливи и еколошки алтернативи, а не за фосилни горива кои за кратко време ќе треба да се напуштат“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест и иницијатор на студијата.

Со постоењето на реални одржливи опции, крајно време е, велат од Еко-свест, Македонија да ја преиспита својата потрага по фосилен гас и да ги ревидира своите енергетски планови за подобро да се прилагоди за следните децении.

„Поддршката од Европската комисија и европските јавни банки треба да оди во насока на намалување на користењето на фосилни горива, а не кон стимулирање на нивното зголемено користење на сметка на граѓаните“, заклучуваат од Еко-свест.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ