„Тоа што го прави Комисијата е да се осигураме дека можеме да ја обезбедиме целата техничка поддршка за земјите да ги спроведат реформите. Тоа го правиме со земјите од Западниот Балкан, со Украина и со која било друга земја опфатена со процесот на проширување. Затоа временската рамка не зависи од нас, туку од реформите“, истакна Мерсие.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мерсие додаде дека проширувањето останува приоритет на актуелната Европска комисија, потсетувајќи дека пристапниот процес на Украина започна во јуни 2024 година и тоа претставува признание за решеноста на земјата да напредува во пристапувањето кон EУ и во спроведувањето на трансформативните реформи во услови на руската агресија.
„Ако опстои политичката волја и ако Украина продолжи да забрзува со реформите, би можела да пристапи во ЕУ во блиска иднина. Но, тешко е да ви дадам датум“, додаде Мерсие.