сабота, 27 јули 2024

Едвај 10 отсто од Европејците веруваат дека Украина може да ја победи Русија

Поддршката за Украина меѓу Европејците останува единствена, но речиси две години по почетокот на руската инвазија, само 10% од Европејците веруваат дека Украина може да ја победи Русија, покажува истражувањето спроведено во 12 земји од ЕУ, пишува Гардијан. Повеќето веруваат дека ќе треба да се најде некаков вид на компромис за да се стави крај на војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова означува делумна промена во размислувањето, бидејќи пред една година мнозинството Европејци веруваа дека Украина треба да ја врати целата изгубена територија, но оваа година се чини дека се склони кон пореален пристап кој ќе се фокусира на дефинирање што всушност значи прифатлив мир, тврдат авторите на извештајот.

„За да ја оправдаат континуираната поддршка за Украина, лидерите на ЕУ ќе треба да го променат начинот на кој зборуваат за војната“, вели коавторот на студијата Марк Леонард од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), кој ја предводеше анкетата.

Повеќето Европејци „очајно сакаат да спречат руска победа“, но не веруваат дека Киев може да победи воено, рече Леонард, што значи дека најубедливиот аргумент за сè поскептичната јавност би било дека континуираната помош „може да доведе до одржлив, договорен мир кој оди во прилог на Киев, а не на Русија“.

Истражувањето спроведено во 12 земји-членки на ЕУ (Франција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Шпанија, Шведска, Романија, Португалија, Грција, Австрија) покажа дека неуспешните украински контраофанзиви и стравувањата од промена на американската политика со евентуалното доаѓање на Доналд Трамп го зголеми песимизмот кај европските жители.

Анкетата е спроведена во јануари, пред повлекувањето на Украина од Авдијивка, каде Русија ја постигна најзначајната воена победа од заземањето на Бахмут минатиот мај.

Истражувањето покажа дека само еден од 10 Европејци во 12-те анкетирани земји верува дека Украина ќе победи на бојното поле, додека двојно повеќе (20%) предвидуваат победа на Русија. Дури и во најоптимистичките земји-членки како Полска, Шведска и Португалија, само 17% од испитаниците (1 од 5) веруваат дека Киев може да надвладее.

Во сите земји, најчесто мислењето, кое го делат просечно 37 отсто од испитаниците, е дека војната ќе заврши со компромисно решение, иако некои земји биле понаклонети кон тој исход од други.

Во Шведска (50%), Португалија (48%) и Полска (47%) испитаници велат дека Европа треба да ѝ помогне на Украина да ги постигне своите цели, додека во Унгарија (64%), Грција (59%), Италија (52%) и Австрија (49%), испитаниците биле понаклонети кон некаков вид на спогодба меѓу Киев и Москва. Во Франција, Германија, Холандија и Шпанија мислењата биле порамномерно поделени.

Најголем предизвик, велат истражувачите, ќе биде да се одреди кој би бил „прифатлив мир“ за Украина. Тврдат дека во таа насока треба да оди и реториката на ЕУ, а не кон целта за апсолутна победа на Украина. Но, ќе биде тешко да се најде решение кое нема истовремено да биде перцепирано како украински пораз, а ниту како руска победа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ