четврток, 22 февруари 2024

Една недела пред изборот на техничката влада, сите најавуваат дека нема да ја гласаат

Најпрво ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе предложи министри за техничката влада, ама нема да гласа затоа што Талат Џафери не ја заслужува нивната поддршка за технички премиер. После ова се нанижаа најавите на партиите дека и тие нема да гласаат за некого од техничката влада. До 28 јануари премиерот Димитар Ковачевски треба да поднесе оставка, а на негово место треба да дојде Талат Џафери, како премиер на техничката влада.

Објавено на

часот

Сподели

Потегот на ВМРО-ДПМНЕ да предложи министри во техничката влада, а да не гласа за неа, отвори лавина реакции на партиите од владината коалиција. Најпрво лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски најави дека ако ВМРО-ДПМНЕ не гласа за техничката влада, тогаш местата кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни сè додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.

„Ако ДПМНЕ не гласа за техничката влада и не ги поддржува сопствените предлози за техничка влада, тогаш нема зошто ниту пратениците од СДСМ да ги гласаат. Ако не заслужуваат предлозите од ДПМНЕ поддршка од пратениците од ДПМНЕ нема основа да се бара тоа од другите пратеници“, соопшти и СДСМ.

Се јави и ДУИ. „Пратениците на Демократската унија за интеграција нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа одлука доаѓа откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека и во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес партијата би се воздржала од гласање“, велат од ДУИ.

И ЛДП најави дека „ако ВМРО-ДПМНЕ не ги гласа министрите кои сами ги предлагаат зашто ние би ги гласале истите? До кого тие ќе ги предложат своите министри ако тврдат дека техничкиот премиер нема легитимитет?”, прашуваат од ЛДП.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер и најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават следната недела.

Ковачевски на Џафери му предлага да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места на опозицијата ќе останат празни, а откако ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.

Лидерот на опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дури најави дека нивните министри во техничката влада нема да присуствуваат на владините седници.

Од ВМРО-ДПМНЕ идејата на Ковачевски за празни места ја оценија како евтин трик.

И Европскиот сојуз за промени, опозициските Беса, Алтернатива и Демократско движење, најавува дека е подготвена да не учествува во изборниот процес доколку продолжат опструкциите и не го добијат членот во Државната изборка комисија што им следува со закон.

Формалните подготовки во Собранието за техничката Влада треба да почнат во понеделник, на 22 јануари, а техничката влада се очекува да биде изгласана на 28 јануари. Технички премиер треба да биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, а на негово место треба да дојде актуелниот координар на СДСМ Јован Митревски. Техничката Влада ќе функционира 100 дена. Согласно договорот од лидерската средба на 4 декември лани, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а на 8 мај треба да има двојни избори – втор круг претседателски и парламентарни избори.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ