сабота, 27 јули 2024

Еден од најсмртоносните напади во Мјанмар. Погоден бегалски камп, 29 загинати

Во артилериски напад погоден е бегалски камп во близина на границата на Мјанмар со Кина, при што загинаа најмалку 29 лица, меѓу кои жени и деца, во еден од најсмртоносните напади врз цивили од враќањето на воената власт, соопштија денеска медиумите и изворите.

Објавено на

часот

Сподели

Гранатирањето се случило вчера околу полноќ во државата Качин, велат изворите, кога во артилериски напад бил погоден камп на околу 5 километри од базата во пограничниот град Лаизи, со кој раководи Војската за независност на Качин (КИА), која со години е во конфликт со мјанмарската војска.

Медиумите во Качин соопштија дека 30 луѓе биле убиени и ја обвинија армијата за артилерискиот напад. Ројтерс не можеше независно да го потврди бројот на загинати, а портпаролите на хунтата и на КИА не беа веднаш достапни за коментар.

Мјанмар е зафатен со конфликти во повеќе региони од државниот удар во 2021 година, со војски на етнички малцинства и движење за отпор против воената власт која по 2021 година брутално ги потиснуваше протестите и приведе илјадници противници и продемократски активисти.

Според Обединетите нации, повеќе од милион луѓе се раселени.

Опозициската Влада на национално единство во сенка (НУГ) го осуди бруталниот напад врз цивили и рече дека светот мора да преземе чекори за да ги запре злосторствата и да ги изведе генералите на Мјанмар пред лицето на правдата.

„Овој чин на воениот совет е воено злосторство и злосторство против човештвото“, рече портпаролот на НУГ, Кјав Зав, додавајќи дека нападот на границата со Кина го покажува непочитување на хунтата на барањето на соседот за мир и стабилност.

Медиумите од Качин споделија серија графички слики од разорување на Фејсбук, што Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди. Една ги прикажува жртвите на земја, а друга наредени повеќе од десетина вреќи со тела. Други покажуваат мажи во воени униформи како пребаруваат низ урнатините и маж кој носи тело на мало дете.

Инцидентот беше најсмртоносниот по воздушниот напад во нестабилниот регион Сагаинг во Мјанмар во април кога загинаа десетици луѓе, вклучително и цивили. Војската обично негира дека гаѓала цивили и ги обвинува „терористите“ за насилството.

Лаиза е главен град на КИА, меѓу најголемите од десетиците етнички групи кои со децении се борат против војската. Се наоѓа блиску до кинеската граница и таму живеат многу цивили во кампови за раселување во и околу градот.

Кон Џа, локален активист од граѓанската групација Мир за Качин, изјави за Ројтерс дека посетила локална болница и ѝ било кажано дека 29 лица се мртви, а 59 се ранети.

„Бомбата беше толку силна… Селото беше целосно уништено, исчезна“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ