сабота, 21 декември 2024

Еден од најсилните урагани: Хелена ја погоди Флорида, најмалку три лица загинаа (ВИДЕО)

Најмалку три лица загинаа во невремето кога ураганот Хелена ги погоди САД, за кој Си-ен-ен наведува дека е најсилниот досега што ја погодил областа Биг Бенд на Флорида.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хелена синоќа пристигна во северозападна Флорида како бура од четврта категорија, пренесе АП.

Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека Хелена синоќа го погодила крајбрежјето во близина на устието на реката Аусила во областа Биг Бенд во Мексиканскиот залив. Брзината на ветрот се движела 225 километри на час.

Хелена ги поттикна властите да издадат предупредувања за ураган и поплави кои се проширени до северна Џорџија и западна Северна Каролина.

Повеќе од милион домови и компании останале без струја во Флорида и повеќе од 50.000 во Џорџија. Гувернерите на американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Алабама, Каролина и Вирџинија прогласија вонредна состојба во своите држави.

Едно лице загина на Флорида кога сообраќаен знак паднал врз нејзиниот автомобил, а две лица загинаа во јужна Џорџија.

До 25 сантиметри дожд наврна во планините во Северна Каролина.

Обилни дождови почнаа да паѓаат и ветровите се засилија претходно во четвртокот во градот Валдоста, Џорџија, во близина на границата со Флорида.

Метеорологот Дилан Луск изјави дека Националната метеоролошка служба издала предупредување за торнадо синоќа во округот Вилер, Џорџија. Тој рече дека тоа е едно од 12-те предупредувања за торнадо за само неколку часа.

Полициски час во текот на ноќта е воведен во многу градови и окрузи во јужна Џорџија.

„Ова е една од најголемите бури што некогаш сме ја имале“, изјави гувернерот на Џорџија Брајан Кемп.

Издадени се наредби за евакуација долж брегот на Мексиканскиот залив во ниските области околу Талахаси, Гејнсвил, Седар Ки, Лејк Сити, Тампа и Сарасота, Флорида.

Националната метеоролошка служба прогнозираше налети на бура и предупреди дека тие би можеле да бидат „катастрофални“ во Апалачкиот залив во близина на брегот на Флорида.

Училиштата во округот и неколку универзитети ја откажаа наставата, а аеродромите во Тампа, Талахаси и Клирвотер беа затворени.

Метеоролозите предвидуваат дека Хелена најверојатно ќе ослабне додека се движи кон копното, но дека силните ветрови и дождот ќе се прошират на јужните Апалачки планини, каде што ќе бидат можни одрони.

Хелена во средата предизвика поплави во делови на полуостровот Јукатан во Мексико. Во западна Куба, ураганот остави без струја повеќе од 200.000 домови и деловни објекти.

За Атланта, Хелена може да биде најлошиот ураган што го погодил градот во последните 35 години, изјави професорот по метеорологија на Универзитетот во Џорџија, Маршал Шепард.

Националната администрација за океани и атмосфера предвиде натпросечна сезона на урагани во Атлантикот поради рекордно високите температури на океанот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ