Како земја која има планини, долини и реки, Албанија е одлична локација за производство на хидроенергија. Околу 98% од целата енергија произведена во оваа земја кандидат за ЕУ потекнува од 37 оперативни хидроцентрали, а многу поголем број во моментов не се во функција или се во изградба. Останатите 2% потекнуваат од соларни панели – нешто што државата сака да го поттикне, имајќи го предвид големиот број на сончеви денови годишно (повеќе од 300).
Сепак, земјата не функционира само на обновлива енергија. Во недостиг на соодветни капацитети за складирање на енергијата, голем дел од хидроенергијата се продава во месеците кога се произведуваат најголемо количества, поточно во пролет и лето. Кога побарувачката за електрична енергија е висока (во зима), Албанија купува енергија од фосилни горива по повисока цена, зголемувајќи ги на тој начин сметките на граѓаните во периодот во кој се наближуваат долгите и студени вечери.
Доколку седите на плажа во Шенѓин на северот на Албанија и ако погледнете кон другата страна на заливот, во насока на Црна Гора, можете да го забележите недоволно видливиот одраз на ветерните турбини во далечината – тоа е нешто што Албанија допрва треба да го земе предвид и покрај потенцијалот кој го има со своите ридови и со карпестите и диви планински венци.
Но, каква врска има сето ова со националните обврски предвидени со Зелениот договор? Албанија ги започна пристапните преговори во летото 2022 година, а првите поглавја беа отворени во октомври оваа година. Иако не е обврзана во однос на Зелениот договор сè до пристапувањето, усогласувањето со истиот е неопходен дел од процесот.
Европската Унија го усвои контроверзниот Зелен договор на 24 јуни 2021 година. Тој законски ги обврзува сите земји-членки да ги намалат емисиите за 55% до 2030 година и да постигнат климатска неутралност до 2050 година.
Еден чекор напред, два чекори назад
„Генерално земено, транзицијата во секторот за производство на електрична енергија напредува многу побрзо отколку другите аспекти на Зелената агенда во Албанија, како што се намалувањето на загадувањето на воздухот и водата, воспоставувањето на циркуларна економија или заштитата на природата“, изјави Пипа Галоп од Bankwatch.
Таа додаде дека Албанија има добра стартна позиција во споредба со регионот бидејќи веќе произведува речиси 100% обновлива енергија, што значи дека сега нејзина задача е да се диверзифицира наместо да се декарбонизира.
„Зголемувањето на производството на соларна енергија на покривите и додавањето на 140 MW соларна централа Каравашта кон енергетската мрежа во 2023 година помогна нештата да се придвижат напред во оваа смисла, бидејќи соларната енергија може да помогне во справувањето со климатската ранливост на хидроенергијата“, додаде таа.
Сепак, климатската ранливост не е единствениот проблем во однос на хидроенергијата. Амбициозните планови за изградба на нова супербрана, поддржано од САД, наречена Скавица во северниот дел од земјата доведоа до масовни протести кај граѓанското општество.
Како и некои други слични движења во Валбона и по должината на реката Вјоса, жителите се вознемирени од тоа што проектот ќе потопи 15.138 хектари земјиште, вклучувајќи земјоделски полиња, шуми и околу 41 село. Тоа ќе значи раселување на илјадници луѓе, уништување на историски локалитети и менување на изгледот на овој дел од земјата богат со култура и историја.
Наместо да продолжи со повеќе хидроенергија, државата беше охрабрена да се сврти кон изворите од ветер и на повеќе сончева енергија за да може да ги задоволи своите растечки потреби. Иако беа спроведени одредени активности во оваа насока, Албанија, за жал, има планови да направи чекор назад, наместо напред, со објавувањето на намерата за гасификација на земјата.
Во 2022 година државата најави шест проекти за гасифицирање на земјата. Проектите, кои ќе чинат 4 милијарди евра, ќе вклучуваат проширување на јонско-јадранскиот гасовод и изградба на термоелектраната „Валона“. Имаше и некои информации за можни договори со Азербејџан со цел надоврзување на постоечката гасна инфраструктура и зајакнување на Албанија како транзитна и земја-дестинација за гас.
„Жално е што вниманието на земјата е одвлечено со амбициозните планови за гасификација, бидејќи тие ќе доведат до транзиција кон фосилни горива, а не оддалечување од истите“, изјави Галоп.
Галоп, сепак, инсистира Албанија да се концентрира на електрифицирање на своите системи на греење со користење на топлински пумпи и енергијата да ја троши на електрифицирање на транспортниот сектор, особено на јавниот транспорт, со цел да ја намали употребата на приватни автомобили – нешто што исто така ќе помогне во загадувањето на воздухот.
Причини за енормното загадување
Албанија е земја која беше под репресивен и тоталитарен комунистички режим во периодот помеѓу 1944 и 1991 година. Приватната сопственост беше забранета, а на обичните луѓе не им беше дозволено да поседуваат куќи, земјиште или возила. Откако се воведе демократијата и се отвори слободниот пазар, луѓето побрзаа да поседуваат што е можно повеќе од сè.
Еден од најбараните поседи беше автомобилот, поточно Мерцедесот. Денес, Мерцедес и БМВ се возилата кои можат да се забележат на секоја улица и на секое паркинг место. Додека чекате во сообраќајот во центарот на Тирана, речиси секој втор автомобил што поминува го има познатото кружно лого со ѕвезда од три точки во центарот.
Многумина се шегуваат дека Албанците ги возат своите автомобили од дома до првото продавниче на ќошот, или го фрлаат ѓубрето во контејнерите со автомобил. Но, сето ова не е за смеење. Аерозагадувањето во Тирана е постојано високо а сообраќајниот метеж од утро до вечер оневозможува брзо да поминете низ градот.
Квалитетот на воздухот во Тирана честопати ги надминува препорачаните нивоа на Светската здравствена организација за штетни материи како што се азот диоксид (NO2) и честички (PM10). Емисиите од автомобилите, па дури и од индустријата, кои ги има во главниот град а исто така и во другите градови од земјата секоја година резултираат со илјадници смртни случаи и болести.
Тирана има 598.100 жители и околу 319.000 автомобили, од кои околу 36.000 беа воведени само во текот на минатата година. Потребни се 45 минути за да се помине центарот на градот со автомобил, а просечната брзина е 11 километри. Ова не е ситуација која е одржлива за жителите. Имањето автомобил не само што е прашање на престиж и исполнува една генерациска празнина која постоела во комунизмот, туку и нема многу нешта со кои ќе се пополни празнината.
Јавниот превоз во Тирана се состои од еден кружен сервис кој покрива половина од градската обиколница и уште неколку помали сервиси чии линии се испресекуваат со главните патишта. За помалите населби нема автобуски превоз а истото е случај и со поновиот дел од градот кој е изграден околу езерото и кај околните ридови.
Иако билетите се евтини (околу 40 центи за едно возење), автобусите е можно да немаат клима и да се пренатрупани – нешто на што многу Европејци се навикнати но граѓаните на Албанија не се подготвени да го прифатат.
Во однос на меѓуградското патување, постои мрежа на автобуси и минибуси која сообраќа помеѓу градовите од рано наутро до доцна навечер, некои по предвидениот распоред, а некои од нив кога се полни. Тие се евтини но многумина гледаат на нив како „на оние кои се користат од селаните“ или од оние кои не можат да си дозволат автомобил.
За возовите има само две меѓуградски линии, но тие се движат со максимална брзина од 30 km/h и не може да се каже дека се практични за секојдневна употреба. И покрај тоа што линијата Тирана-Драч треба повторно да биде отворена со шатл-воз некаде во текот на следната година, а линијата до Скадар во северниот дел од земјата исто така треба да се реновира, допрва треба да се утврди нивното влијание врз постојните патишта.
Некои од автобусите во Тирана се електрични или хибридни, а приватните такси во градот сè повеќе се целосно електрични – можат да се препознаат по нивната зелено-бела боја и карактеристичното електрично „брмчење“. Што се однесува до тоа колку граѓаните поседуваат електрични автомобили, многумина од нив не го сакаат тоа. Иако цената можеби е слична со висококвалитетниот Мерцедес, електричните возила го немаат истиот престиж што го ужива германскиот бренд.
Додека владата се обидува да поттикне поседување на електрични автомобили и да го зголеми бројот на места за полнење, еден од најголемите предизвици и понатаму ќе биде тоа жителите на Албанија да се натераат да се префрлат на електрични автомобили, или во целост да се откажат од своите сегашни автомобили.
Цврстиот отпад во Албанија
Ако ги оставиме настрана проблемите на Албанија со гасот и автомобилите, прашањето со отпадот е она кое можеби претставува најголем предизвик. Во текот на 2024 година е забележан најголемиот број на посетители на земјата во нејзината историја – околу 10,4 милиони посетители до месец ноември. Иако се воспоставува како меѓународна туристичка дестинација, онлајн групите на патници кои ја посетуваат Албанија се преплавени со коментари во врска со проблемите во однос на ѓубрето.
„Видов многу ѓубре на улиците, патиштата, насекаде. И се прашувам зошто… не разбирам, имаш толку убава земја, но ѓубрето е насекаде. Што мислите, зошто е тоа така?“ напишал еден патник.
Друг напишал дека езерото Коман на север е многу убаво езеро но дека е „полно со ѓубре/пластика, исто како и многу други места во Албанија“.
Во меѓувреме, националните медиумски портали исто така го осудуваат фактот што отпад се натрупува не само на улиците на главниот град туку и на други локации.
Албанија рециклира само околу 18% од отпадот а останатото завршува на депонии и во печки за спалување отпад. Комуналниот и отпадот од фирмите обично не се сепарира, а дури и да се прави тоа, ионака завршува во истиот камион за ѓубре. Мали се изгледите во однос на планираните постројки за рециклирање, а најактивни во собирањето и рециклирањето на пластиката, калајот и металот се ромската и египетската заедница во земјата.
Со своето претурање низ контејнерите и кантите за ѓубре, тие ги одвојуваат различните видови отпад, ги товарат во колички или пикапи и ги продаваат за да заработат за живот.
Што се однесува до печките за спалување, низата отстапки од државата во обид да се отворат печки за спалување во три од поголемите градови во државата се соочија со пречка откако истражувачките новинари открија дека сето тоа, во суштина, е измама. Случајот сега е на суд а голем број високи функционери и други осомничени лица се уапсени или се во бегство.
„На крајот на краиштата, пристапот на Албанија во ЕУ ќе биде загрозен доколку таа го занемари спроведувањето на законските прописи кои се однесуваат на животната средина. Сепак, останува на Европската комисија овој факт да го направи уште појасен, вклучително и во изјавите дадени во јавноста“, вели Галоп.
Во 2023 година, Делегацијата на ЕУ во Албанија покрена иницијатива за „подигнување на свеста кај албанските граѓани, креаторите на политики, граѓанското општество, бизнисите и другите засегнати страни околу еколошките прашања што ја засегаат земјата“ во контекст на Зелената агенда.
Кампањата вклучуваше чистење на реките и неколку фотографирања, но нејзиното влијание врз обичните луѓе е нешто што е тешко да се измери.
Што се однесува до извештајот за напредок за 2024 година од Европската комисија, во Кластерот 4, каде што станува збор за Зелената агенда и одржливото поврзување, Албанија доби мешовита оценка.
Констатирано е одредено ниво на подготовка во делот на транспортот, но напредокот во 2023 година е ограничен. Комисијата ја повика Албанија да усвои нова транспортна стратегија, да го спроведе Националниот план за енергетика и клима и да го зајакне капацитетот на Агенцијата за енергетска ефикасност. Исто така, беше побарано да се подготви и имплементира законодавство за енергетска ефикасност, да се имплементира пакетот за интеграција на електрична енергија и да се приклучи на секојдневниот пазар на ЕУ до јуни 2026 година.
Зелен договор или без зелен договор?
Ако го прашате просечниот човек во Албанија, што мисли за напредокот на Албанија кон исполнување на критериумите од Зелената агенда, многумина ќе ве погледнат со празен израз на лицето. Она што им е важно на луѓето тука е да имаат достапно греење и ладење, ефикасен транспорт, чист воздух и улици и плажи без ѓубре.
Останува да видиме дали ЕУ ќе им помогне да стигнат до таму. Притоа, ништо не може да се случи без политичка волја, без поголема едукација на сите слоеви на општеството и, се разбира, без значителни инвестиции.
(Преземено од Республика)