Со заемот ќе се финансираат изградбата, сигнализацијата и телекомуникациите од Крива Паланка до бугарската граница во вкупна должина од 23,4 километри и електрификацијата на целокупната источна железничка пруга вклучувајќи ги делниците 1, 2 и 3 во вкупна должина од 88 километри.
Коридорот VIII е составен дел на една од петте нови Транснационални европски транспортни оски („TEN-T“), исток – запад од Црното до Јадранското Море.
„Со финансирање на изградбата на третиот преостанат дел, ќе се воспостави првото поврзување на македонскиот железнички транспорт со бугарската железничка мрежа, ќе се олесни меѓународното/транзитното движење на стоки и луѓе, особено со соседните земји на ЕУ и Турција, ќе се придонесе за префрлување на сообраќајот од патен на железнички транспорт преку подобрување на конкурентноста на железничкиот сектор. Проектот ќе ја зголеми и безбедноста и сигурноста во сообраќајот и за патниците и за товарот, ќе понуди можности за развој на бизнисот во близина на железничката пруга и станиците и ќе ги подобри еколошките услови во населените места и регионите опфатени со проектот“, се наведува во соопштенито од ЕБОР.