четврток, 26 декември 2024

Реакции на парламентарните партии за годишниот говор на претседателката: Од поддршка на тезите, преку забелешки за теоретскиот пристап, до барања да не потпишува укази на изгласани закони

Првото годишно обраќање во мандатот на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова пред Собранието, очекувано помина со реакции на парламентарните партии, кои ги искажаа по завршувањето на седницата.

 

Објавено на

часот

Сподели

Обраќањето на претседателката на државата Гордана Сиљановска- Давкова беше сеопфатно обраќање коешто ги опфати и нејзините надлежности, но се осврна на одредени теми кои се актуелни во македонското општество, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

„Тоа што сакам да го потенцирам е што има координација во надворешната политика меѓу претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи. Сметам дека таа координација е неопходна за да може да се постигнат посакуваните резултати. Она што го потенцира претседателката како нејзина идеја и заложба дека и опозицијата би било добро да се вклучи во градењето на еден национален консензус за надворешно-политичките цели на Македoнија. Сметам дека е добра замисла, но според мене, реално не знам дали би била остварлива цел, барем во овие моменти“, рече тој.

Милошоски нагласи дека билатерализацијата на евроинтеграциите не е корисен метод ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати, бидејќи, како што рече, се доведуваме во ситуација да мериме емоции и историски недоразбирања.

„Сакав да ја потенцирам исто така нејзината определба за евроинтеграциите, која што не е безусловна, туку гледаме дека содржеше во себе и аргументирана критика на принципот на билатерализација на евроинтеграциите. Го делиме мислењето дека билатерализацијата на евроинтеграциите не е корисен метод, ниту за ЕУ, ниту за земјите кандидати на членки во ЕУ, бидејќи наместо да се мерат стандардите и постигнувањата согласно Копенхашките критериуми, се доведуваме во ситуација да мериме емоции, историски настани или политички недоразбирања. Се надевам дека во еден глас, и сите оние кои се занимаваат со надворешна политика, но и претставниците на опозицијата, ќе го испратат ова како порака до своите соговорници, секогаш и секаде каде што имаме можност да ја претставуваме Македонија како наша заедничка држава“, рече Милошоски

 

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ денеска изјави дека денешното обраќање на претседателката на земјава, Гордана Сиљановска Давкова, не понудило визија за иднината на државата.

Тој рече дека очекувал многу теми во општеството да бидат дел од денешното обраќање на Сиљановска Давкова во Собранието.

„Морам да кажам дека два дела во обраќањето, кога зборува за армијата, поддршката на армијата и поддршката на сите политики што би значеле унапредување на состојбата во армијата и подобрување на животниот стандард на сите воени и цивилни лица во армијата, е нешто за што ќе добие поддршка од нас. И второ, поддршката на еднаквите можности, вметнувањето на жените во политиките и така натаму, декларативно е добро како став на претседател на држава. Меѓутоа, очекувам дека таа декларативност преку влијание преку јавно искажан збор ќе биде преточена во политики“, истакна Спасовски на прес-конференција во Собранието.

Меѓу другото, тој рече дека очекувал таа јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки, со што, додаде, се руши транспарентноста и очекува и ја повика да не го потпише овој указ за законот за јавни набавки.

„Доколку постои каков било предлог за унапредување на евроинтегративните процеси на државата, тој предлог да биде споделен и со парламентарната опозиција и на основа на тоа, заеднички да разговараме, да заземеме соодветни ставови и заеднички да им помогнеме на граѓаните и на државата“, нагласи Спасовски меѓу другото.

Тој со јавноста сподели и дека очекувал зборови и за состојбата на економски план за тоа што се случува во моментов и да биде упатена порака и да се предложи начин за решение на проблемите.

 

За пратеникот на Европскиот фронт, Ељми Азири. говорот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Собранието беше повеќе теоретски отколку прагматичен.

„На претседателката на државата тешко ѝ е да излезе од својата базична професија – професорската. Недостасуваше прагматичкиот дел, односно недостасуваше нејзината уставна улога како лидер на државата во давање на насоки како треба да се решаваат одредени проблеми во опшетството и во државата во целина. Таа се наврати на неколку димензии во неколку сегменти на општествено-политичкикот живот, но за жал по наше мислење, таа не даде ниедна насока, односно не даде ниедна шанса во насока на реализирање на уставните измени во нашата држава, кои се предуслов за започнување на преговорите со ЕУ. Дури во нејзиниот говор таа повеќе пати се осврна кон потребата за реформи внатре во ЕУ, што мислам дека не е нејзина задача, не е нејзина улога уште повеќе што нашата држава не е членка на ЕУ“, рече Азири.

Според Незири, претседателката не се осврнала воопшто на одредени случувања кои, како што рече, се однесуваат на внатрешната кохезија и меѓуетничките односи.

„Некои одлуки што ги зазема Уставниот суд, коишто допрва треба да се донесат во март или во мај, сметам дека значително ќе влијаат врз меѓуетничките односи и врз внатрешната кохезија. Исто така, претседателката не се осврна воопшто и кон непочитувањето на Законот за употреба на јазиците, почнувајќи од Собранието, каде што претседателката на државата до пред неколку месеци беше и сама пратеник во овој дом“, рече тој.

Според Азири, обврска на државата е да ги донесе уставните измени бидејќи европските претставници укажуваат дека преговарачката рамка не се менува.

„Претседатлеката треба да се издигне над политичките партии, над институциите и да заземе одговорност. Би сакале сите предлози што излегуваат од Македонија, од нашите институции, да се прифатат во Брисел, но за жал, од сите можни претставници од Брисел гледаме дека преговарачката рамка не се менува и дека обврска на Македонија се уставните измени“, рече пратеникот Азири.

 

Пратеникот од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бојан Карапејовски, по првото годишно обраќање на претседателката во законодавниот дом истакна дека како партија високо ги ценат ставовите на претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова за модернизација и одржување на македонската армија, како и потребата од внатрешен консензус кога се работи за надворешната политика.

„Според нас, претседателката имаше доста инспиративен говор. Таа се држеше до своите уставни и законски надлежности, од една страна, но ги увери и очекувањата на јавноста и упати критика кон општествата. Во таа смисла, високо ги цениме нејзините ставови, особено нејзиниот поглед за модернизација и одржување на македонската армија и грижа за припадниците на безбедносните сили“, рече Карапејовски.

Тој изрази верување дека потребата од внатрешен консензус, која Сиљановска Давкова ја истакна во говорот, е на линија со заложбите на ЗНАМ за фомирање на Национална платформа за македонско национално единство.

„Особен акцент во нејзиниот говор, таа стави на надворешната политика, особено на потребата од внатрешен консензус кога се работи за надворешната политика, за сите неправди кои што ѝ се случуваа на Македонија на тој пат, така што, се надеваме дека нејзиниот говор е на линија на нашите претходни заложби за Национална платформа за македонско национално единство. Таа е на линија за остварување на внатрешен општествен консензус, од времето на Мисирков, преку 8 Септември. Може сега е време да направиме нов општествен договор, нашиот предлог за Национална платформа мислам дека е добар предлог за да се постигне тоа нејзино верување“, рече Карапејовски.

 

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ смета дека годишното обраќање на претседателката  Гордана Сиљановска Давкова било протоколарно и само со флоскули, наместо со она што јавноста сака да го чуе после трансферот на власта.

„Пред сѐ, се чини дека претседателката е потполно втурната во сенка на извршната власт и мора да се искоментира дека таа во својот професионален ангажман, во својата кариера има докажано дека е врвен професор, беше добар пратеник, но сега е сведена во функција на министерство за култура во сенката на Христијан Мицкоски“, рече тој.

Во делот на надворешната политика, Меџиновиќ рече дека нема идејност како ќе се поставува понатаму и дека во наредните извештаи на Европската комисија ќе стојат истите оценки за земјава.

„Претседателката на Република Македонија повика на консензус меѓу политичките елити, кои, да потсетиме, го амортизираа незадоволството на граѓаните кое се изрази во 2022 година со протестите за ‘францускиот предлог’. Од друга страна, во надворешната политика, тоа што можеме да го заклучиме е дека нема идејност како ќе постапиме понатаму. За тоа што го претставуваат како интерес на граѓаните на Република Македонија и тоа што повеќето граѓани на Република Македонија го сметаат за свој интерес, а тоа е влегувањето и членувањето во Европската Унија, сметаме дека и оваа влада, и овој претседател на Републиката, нема да придонесе ништо позитивно и дека во наредните европски извештаи ќе ги гледаме истите оценки за пристапувањето на Македонија кон Европската Унија“, рече тој.

Мециновиќ ја повика претседателката да не го потпишува указот за двојазични лиценци за градинките.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ