Симболиката на ѕвонење на берзанското ѕвоно ја покажува посветеноста на Македонска берза да придонесе за што поголемо спроведување на принципите на еднаквост и инклузија на жените во сите општествени сфери.
Во оваа прилика, главниот извршен директор на берзата, Иван Штериев изјави: „Оваа глобална иницијатива трае веќе една деценија. Идејата е берзите со нивната уникатна улога во финансискиот систем и јавноста да придонесат за унапредување на родовата еднаквост во деловниот свет, преку промовирање на важноста на ова прашање на најголемите акционерски друштва и воспоставување на стандарди за одговорни и за транспарентни корпоративни практики на овој план. Македонска берза ја споделува оваа визија и затоа по петти пат учествува во „Ring the Bell for Gender Equality “.
„Прашањето за родовата еднаквост е многу важно, не само во бизнисот, туку и во сите други сфери на општествениот и политичкиот живот. Жените сочинуваат малку повеќе од половина од вкупното население, но значително помалку учествуваат во бизнисот и политиката, имаат пониска стапка на вработеност, заработуваат помалку, често се жртви на дискриминација, па и на насилство, дури и на работното место. Ваквата ситуација во модерното општество едноставно не е прифатлива. Особено, на пример, ако се земе предвид дека во Хрватска дури 61% од дипломираните студенти се жени, додека во 61% од котирани компаниите на Загрепската берза нема ниту една жена во управата “, изјави Ивана Гажиќ од Загребска берза.
„Родовата еднаквост не е само морална обврска, туку и суштински фактор за долгорочен економски раст и стабилност. Жените на лидерски позиции покрај тоа што носат нови перспективи и иновации, создаваат работни средини кои вреднуваат инклузивност и емпатија, што ја поттикнува продуктивноста и позитивната култура. Како лидери, мораме да се фокусираме на создавање еднакви можности за сите, без оглед на родот, и да работиме активно на разбивање на стереотипи и политики што го ограничуваат нивното напредување. Само преку инклузивност и поддршка на сите професионалци ќе изградиме силни тимови и успешно општество, а во оваа трансформација, подеднакво важни улоги имаат и мажите и жените“, изјави Нина Неданоска, заменик претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка АД Скопје.
Ова е единаесетта кампања на иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“ поддржана од 123 берзи ширум светот и се реализира како партнерство помеѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во којашто членува и Македонска берза , Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, а целта е да се промовира родовата еднаквост на пазарите на капитал.