среда, 15 јануари 2025

ДЗС не ги одржува својот имот и опрема, а нема ни национална стратегија за спасување и заштита – предупредуваат ревизорите од ДЗР

Неевидентирани објекти од доделениот имот на ДЗС, запуштени и нефункционални засолништа, технолошки застарена, неупотреблива и несервисирана опрема, непостојна национална стратегија за заштита и спасување по 2018 година, недостаток на критериуми за набавка на противпожарна опрема, недоволен број пилоти, неоправдано ангажирање на брокер за осигурување на авионите… се дел од констатациите во извештајот на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија во Дирекцијата за заштита и спасување, за 2023 година.

Објавено на

часот

Сподели

„Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики“, е генералната оцена на ДЗР за работењето на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во извештајот на ДЗР се наведува дека со одлуки на Владата на Република Македонија, во 2005 година на ДЗС ѝ се отстапени на користење вкупно 198 објекти (100 засолништа и 98 деловни простории – канцеларии, магацини, гаражи и друго). Во деловните книги евидентирани се 24 градежни објекти (12% од вкупниот број на доделени објекти), но за нив, при ревизиата не биле презентирани имотни листови, како ни документација за применетата методологија по која е извршена проценката на нивната вредност. Во 2019 година ДЗС, до Бирото за судски вештачења има доставено барање за извршување на процена на 32 градежни објекти. Бирото доставило процена на вредноста, но до денот на известување од извршената ревизија деловните објекти не биле евидентирани во деловните книги на ДЗС.

За останатите 142 градежни објекти (72% од вкупниот број дадени на користење) не е започната постапка за проценка на вредноста и евидентирање во деловните книги на ДЗС, иако за оваа состојба дадена е препорака и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија за 2010 година.

„Со посета на дел од засолништата кои ѝ се доделени на ДЗС, а се наоѓаат во подрачните одделенија во општините Центар, Аеродром, Карпош, Гази Баба, Велес и Штип, кои располагаат со вкупно 32 засолништа,  утврдивме дека ДЗС не врши нивно тековно одржување. Голем дел од засолништата се блокирани или затворени од препреки од дрва и кабаст отпад, дел од нив се отворени и личат на депонии, а некои се магацини за стара опрема. Некои засолништа не се во функција поради неисправни системи за вентилација и недостаток на струја и вода. Истовремено, едно засолниште се користи од приватно правно лице, за кое користење не ни беше доставена документација за закуп, ниту пак утврдивме соодветен приход по овој основ“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Според извештајот, дел од опремата на ДЗС сместена во магацините е нефункционална, неупотреблива и технолошки застарена, некомпатибилна, непроверена, несервисирана веќе подолг период, со поминат рок на употреба. Дел од  опремата  која е доделена од Министерството за одбрана, согласно делбен биланс уште во 2005 година, е постара од 40 години.

„Согласно Правилникот за систематизација на работните места, во ДЗС се предвидени седум работни места за пилоти, но до јуни 2024 година пополнети се три. По заминувањето на двајца пилоти во пензија, ДЗС остана со еден активен пилот. По извршениот вонреден инспекциски надзор, АЦВ времено го ограничила ДЗС во извршувањето на летечки операции, поради недостигот на квалификуван воздухопловен персонал. ДЗС поднела барање до Владата за согласност за ангажирање на двајца пилоти по договор за дело, Поради недостиг на пилоти, воздухопловите на ДЗС нема да можат да се користат, што ќе има влијание врз целокупниот процес на заштита од пожари. Имајќи предвид дека во првата половина на месец јули 2024 година, на територијата на Републиката беа активни повеќе од 10 пожари на отворено, од страна на ДЗС со пензионираните пилоти, склучени се договори за дело за период од три месеци“, ја констатира ДЗР состојбата во Дирекцијата за заштита и спасување со недостаток од пилоти.

Понатаму, во ревизорскиот извештај се открива дека ДЗС нема донесено напишани критериуми за утврдување на потребите и приоритетите за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење на пожари за противпожарните единици. Во 2023 година набавени се 40 изолациски дишни апарати и 20 рачни термални камери за пожарникари, но истите не се распоредени на ТППЕ по општините, туку се складирани во магацините на ДЗС. Дополнително во март 2024 година набавени се уште 40 изолациски дишни апарати, кои исто така се наоѓаат во магацините на ДЗС.

„За периодот по 2018 година не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување, иако во 2021 година се изработени  нацрт-национална стратегија за заштита и спасување и Акциски план за период од 2022-2025, но истите сè уште не се донесени. Ваквата состојба  создава ризик од некоординирани активности на локално, национално, регионално и меѓународно ниво при справувањето со опасностите од природни непогоди и други несреќи и влијае врз целокупниот систем на заштита и спасување во државата“, предупредуваат од Државниот завод за ревизија.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека ДЗС секоја година склучува договор за ЈН за осигурување на воздухоплови. Со ревизијата е утврдено дека во континуитет со договор се ангажира надворешен експерт/брокерско друштво за кое за две години се исплатени средства во износ 25% од вредноста на склучените договори или 12.787 илјади денари, односно 208 илјади евра. Обврските на друштвото вклучуваат и посредување во договарање на осигурително и реосигурително покритие за сите класи на осигурување, како и вклучување во изработка на техничка спецификација за ЈН за осигурување.

„Не ни беа презентирани доволно убедителни докази за потребата и оправданоста на брокерот во посредување во договарање на осигурително и реосигурително покритие“, велат ревизорите.

Во Законот за јавни набавки се утврдени надлежностите на комисијата за јавни набавки која помеѓу другото треба да ја подготви тендерската документација, а според ревизорите ДЗС не ја докажал потребата и оправданоста од ангажирање на брокерот за изработка на техничка спецификација од причина што во Правилникот за организација и работа на ДЗС е утврдено дека одделението за специјализирани услуги со воздухоплови е надлежно за изготвување на документација потребна за каско осигурување, набавка на делови и гориво за воздухопловите, како и да учествува во подготовка, организирање и спроведување на тендерите.

„Имајќи предвид дека се работи за ист предмет на осигурување, авиони кои се набавени во 2010 година и во континуитет се врши нивно осигурување не добивме уверување за потреба од ангажирање на надворешни експерти во постапката за ЈН, како и не беа доставени документи од кои ќе можеме да потврдивме дека брокерското друштво го реализирало предметот на договорот. Договорено е дека брокерот ќе ги извршува обврските во својство на консултант или стручен соработник без финансиски надомест кон ДЗС, а ДЗС се согласува со исплата на посредничка провизија која осигурителниот брокер ја наплаќа од осигурителното друштво по извршена уплата на премијата за осигурување од страна на ДЗС, но не е утврден нејзиниот процент. Висината на посредничката провизија е утврдена во одлуките за ЈН и тоа на 25% од вредноста на договорот односно вкупната договорена премија“, се вели во извештајот од ревизијата на ДЗР на работењето на Дирекцијата за заштита и спасување.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ