петок, 27 декември 2024

ДЗР: Презементи мерки за студентскиот стандард се недоволно ефикасни

Државата во 2022 година потрошила приближно 22.650.000 илјади евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие 22,6 милиони евра, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи, покажува Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор Максим Ацевски рече дека се констатирани  „поразителни бројки и состојба“ која, рече,  „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“. Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.

„Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2 отсто од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосно потврда дека средствата се исплатени навистина за оброк. Во 2022 година исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но се уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата“, рече Ацевски на седница што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

Извештајот за 2022 покажува, рече тој, укажува и на поразителни бројки за сместувачките капацитети, нивните услови и перцепцијата на задоволство од студентите за што говорат нивните поплаки  дека во дел од домовите немаат топла вода, немаат стабилен интернет…

Како што рече главниот ревизор, од вкупно 12 прашања односно оценки кои студентите требало да ги дадат во прашалникот, одговорите се катастрофални.

„Од 12 оценки, имаме добиено две единици, осум двојки и само две тројки. Тоа е перцепцијата на нашите студенти во однос на квалитетот на сместување и квалитетот на храната во државните студентски домови“, истакна Ацевски.

Цената за сместување во државните студентски домови од 2008 година до сега е непроменета и изнесува 6.820 денари, од кои половината ги субвенционира државата, а другата половина ја плаќа студентот.

Според Ацевски, со 16 години непроменета цена се прави вештачки притисок со цел да не се испорача квалитетна услуга кон студентите односно кон граѓаните.

„Таков е примерот и со градскиот превоз, така е и со комуналните услуги итн. Ние во суштина робуваме на цената на чинење, а немаме развиено политика во која треба да утврдиме  реална цена на чинење која ќе овозможи развој на давателите на услугите – оние што може да ја платат, да ја платат реалната цена на чинење, а оние што не се во состојба, државата или надлежните, или локална самоуправа, да создаде мерки и политики за субвенционирање на делот коишто тие студенти не можат да го подмират. За жал, од 2008 до 2024 имаме 16 години временска разлика, а имаме иста цена на чинење. И затоа, наместо од сите такви јавни претпријатија кои им даваат услуги на граѓаните да направиме ликвидни и солвентни субјекти, ние направивме дополнителни буџетски корисници кои државата – централната или локалната власт ги финансира во извршување на нивните дејности за да може да им испорачаат каква-таква услуга на граѓаните. Ние не треба да бараме потпросечни услови, туку да создадеме и да им понудиме на нашите студенти квалитетна услуга која ќе има степен на задоволство“, истакна Ацевски.

Очекува дека  препораките што се дадени во конечниот ревизорски извештај ќе наидат на разбирање кај надлежните органи и, како што рече. ќе предизвикаат промени и во законската регулатива и во пристапот „со цел да обезбедиме пристојни услови за живеење на студентите и да добиеме насмевки кај нашите студенти“.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека ревизорскиот извештај ќе биде патоказ во работата на МОН и дека состојбата е резултат на недоволна грижа во минатото од тие што требало да го унапредуваат студентскиот стандард.

„Секако, сите укажувања на Државниот ревизор се земени сериозно предвид и планирам овој извештај да го користам како водич при креирање на политиките за подобрување на студентскиот стандард“, рече Јаневска.

Проблемите очекува дека ќе се решаваат по донесување на нов закон за студентски стандард што се планира во 2025 година.

Во однос на цената за сместување во домовите за која во извештајот ДЗР препорачува да биде двојно зголемена и да изнесува 14.680, Јаневска смета дека за тоа да се спроведе сега и одеднаш би било „голем шок и за студентите кои би требало да плаќаат 7.340 денари, но и за државата“.

„Но, ако поранешните министри етапно ја прилагодувале цената на реалните трошоци и инфлацијата, до ова немало да дојде. Сега домовите немаат пари да покријат основни трошоци за работење. Но, не е само цената во прашање, јавна тајна е дека во домовите многу долг период се работело многу недомаќински, а постојат индиции и дека биле искористувани на незаконски пат средствата на граѓаните, на државата. Познати се проблемите со храната, познати се и проблемите со сместувањето, нелегално издавање соби, купување храна по енормни цени, а студентите добиваат неквалитетен оброк“, истакна министерката.

Домовите немаат пари, рече, поради ниските цени кои ги наплаќаат. Ја користат одредбата од законот според која МОН може да им помогне со покривање на дел од режиските трошоци кои се дефинирани како непредвидени.

„Тоа е проблем и за МОН, бидејќи ако домовите не можат да ги предвидат, како МОН да предвиди пари за да ги надомести тие трошоци, кога има ограничен буџет? Затоа, планот е во новото законско решение да се дефинира модел на финансирање на домовите, со кој ќе се обезбеди континуирано финансирање согласно реалните потреби на домовите, а при тоа истото нема да предизвика преголем финансиски товар на студентите“, посочи Јаневска.

Во однос на платите на вработените во студентските домови, смета дека тие треба да се уредат со ново законско решение и доколку се реши проблемот со финансирање на домовите ќе се реши и проблемот со дефицит на кадар.

Посочи и дека одговорноста за работењето на студентските домови е кај нивното раководствo и дека покрај домаќинското работење кое, рече, сериозно ќе ја поправи нивната финансиска состојба, тие, по примерот на земји од Запад, може да остваруваат дополнителни приходи. Еден од начините е налето да сместуваат странски студенти кои се на патување и ја посетуваат нашата земја.

По укажување на ДЗР, рече министерката,  МОН веќе го воспоставува и регистарот на домови и активно работи на забрзување на постапката на реконструкција на домовите опфатени со Проектот за енергетска ефикасност. Проектот почна со два дома – се реновираат темелно „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ кои очекува да бидат готови до следната година. Нагласи и дека и покрај тоа што тие се затворени, „ниедно дете што аплицираше и имаше исполнети услови не остана да не биде сместено“.

За министерката   е оправдана констатацијата на Државниот регистар во врска со Законот за субвенциониран студентски оброк „дека законското решение не дава целосна гаранција дека средствата се користат исклучиво за прехрана на студентите“.

Соопшти дека субвенционираниот студентки оброк го чини МОН 800 милиони денари годишно.

„Со 800 милиони денари годишно, МОН може многу да направи за студентскиот стандард. Но, тоа е што е, законот нема да биде укинат и мора да се почитува“, додаде министерката.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ