четврток, 29 февруари 2024

ДЗР: Недореченоста и нецелосната примена на прописите доведува до нецелосни здравствени услуги

И покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување седум нови покрај постојните осум апарати за магнетна резонанца (МР) во јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците, се наведува во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) објавен денеска по извршената ревизија на успешност на тема „Користење на здравствени услуги со радиолошка дијагностика – магнетна резонанца“.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Ревизијата, како што велат од ДЗР,  е со цел да се даде одговор на прашањето дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца во периодот од 2019 година до 2022 година.

Во ревизорскиот извештај  се наведува дека обемот на услуги во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година.

„Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат, е под просекот на европските држави кој се движи од 4 до 9 илјади снимања годишно по апарат“, се наведува во извештајот и се посочува дека најинтензивно користење на апаратите за МР се врши во Клиничката болница Битола, Институтот за радиологија и во Здравствен дом Скопје, додека најниска искористеност има апаратот во Клиничката болница во Тетово.

Од ДЗР посочуваат дека во електронската листа објавени се вкупно 110.466 слободни термини за МР, од кои се закажани 83 проценти, а искористени 56 отсто односно извршени се 61.987 прегледи за кои е издаден специјалистички извештај.

„Според добиените податоци од Мој Термин, во период од 2019 до мај 2023 година евидентирани се вкупно 92.533 прегледи, во кои се вклучени реализираните прегледи со издаден извештај и прегледи за кои не е издаден извештај, во редовен термин и без термин“, се посочува во извештајот.

Во периодот на вршење на ревизијата во јавното здравство имало 14 функционални апарати за МР од четири различни производители распоредени во 10 Јавно-здравствени установи (ЈЗУ), како и 2 апарати за МР надвор од употреба, со вкупна набавна вредност од околу 22,7 милиони евра.

Ревизорите утврдиле дека Управата за електронско здравство и Институтот за јавно здравје не се целосно екипирани. Регистарот на здравствени работници во Мој Термин, поради нередовно и нецелосно внесување на податоците од страна на ЈЗУ, содржи некомплетни информации за здравствениот кадар.

„Недореченоста и нецелосната примена на прописите, недоволните капацитети на институциите и нецелосното исполнување на доделените надлежности доведува до отсуство на целосни, точни и ажурирани податоци за човечките ресурси, опремата и извршените здравствени услуги за радиолошка дијагностика со МР, како во јавното, така и во приватното здравство, со што е оневозможено соодветно планирање и обезбедување на потребните човечки ресурси, подобро искористување на постојните и утврдување на потребата од набавка на нови апарати за МР“, се посочува во извештајот.

За надминување на наведените состојби дадени се препораки од ДЗР со цел преземање мерки и активности од надлежните институции, а во функција на обезбедување ефикасно користење, достапност и соодветен квалитет на здравствените услуги на граѓаните со магнетна резонанца. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ