четврток, 2 јануари 2025

ДЗР: Автобусите на ЈСП возат за еден денар приход, а имаат два денари трошок

Субвенционирањето од Град Скопје од скоро 11 милиони евра, не е доволно за Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да ги постигне стратешките цели и да обезбеди одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје, констатирале ревизорите од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот Извештај за работата на ЈСП за 2023 година.

Објавено на

часот

Сподели

Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатирал неправилности и неусогласености во работењето на ЈСП и поради нивното значење изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законите и воспоставени политики на работа.

Со ревизијата е утврдено дека Владата не донела одлуки за одобрување на пари од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) за покривање на трошоците за бесплатен градски превоз на редовните студенти на државните универзитети за учебните години 2022/2023 и 2023/2024. Поради тоа, во буџетот на МОН не се предвидени пари за оваа намена, додека Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) продолжува да ја исполнува својата законска обврска за бесплатен јавен превоз, но без надомест. Недостигот на пари од МОН, велат од ДЗР, влијае на континуитетот на услугата.

„Во однос на плаќањето на надоместокот за извршениот превоз, ЈСП Скопје во континуитет не ја исполнува обврската за исплата на аконтативната/конечната пресметка за претходниот месец, 15 дена по приемот на фактурата. Заклучно со 31 декември 2023 година, претпријатието има неподмирени обврски кон овластените превозници во вкупен износ од 93.254 илјади денари, што може да создаде дополнителни потешкотии во понатамошното работење на правните субјекти ангажирани во јавниот превоз. Поради ненавремено плаќање, превозниците работат со намален капацитет и не можат да обезбедат превоз на линијата во договорениот обем, што значи дека не го задоволуваат потребниот капацитет од најмалку 80 отсто во текот на месецот. Поради ненавремено плаќање на фактурите за секоја испорака на гориво, склучена е неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, во која е предвидено пресметување на казнена камата што е 50 отсто повисока од стапката на законската казнена камата. Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП Скопје, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50 отсто, што изнесува 12.583 илјади денари“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Државниот завод за статистика констатирал и неправилности во работата на системите за следење на возилата и оној за електронска наплата на билети вредни близу 2.400.000 евра.

„Дополнително, функционалната надградба, вклучително и воведувањето на електронски билети и апликации за паметни телефони, не е реализирана во рок, што предизвикувала поплаки од патници за повеќекратна наплата на билети. И покрај неисполнувањето на обврските од страна на економскиот оператор, ЈСП Скопје не презело мерки за активирање на банкарската гаранција и не ја искористило можноста за наплата на казни. Како резултат на ваквата состојба, претпријатието има претрпено финансиски загуби и платено фактури во износ од 30.854 илјади денари за нецелосно извршени услуги, без да добие соодветна вредност за вложените средства“, констатирале ревизорите.

Град Скопје незаконски го отуѓил Милениумскиот крст во корист на ЈСП

Вршејќи ревизија за работата на ЈСП во 2023 година, ДЗР се наврќа десет години порано кога во 2013 година, Владата со одлука го додели објектот „Милениумски крст“ на Град Скопје на трајно користење без надомест. И иако Советот на Град Скопје не е сопственик на објектот, донел одлука да му го даде Милениумскиот крст на трајно користење на ЈСП, што не е во согласност со Законот за локалана самоуправа и Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и ствари во општинска сопственост.

„Според договорот, ЈСП Скопје се обврзува да го финансира и одржува објектот, како и да го промовира како значајно туристичко место на градот. Во 2014 година, бидејќи објектот е во фаза на градба, ЈСП има потпишано договор за адаптација со вредност од 69.698 илјади денари по принципот ‘клуч на рака’. Но, поради непредвидени работи, биле склучени. договор за надворешни скали за објектот во вредност од 1.741 илјади денари, два анекси за продолжување на рокот на изведба, рок кој е истечен заклучно со месец јули 2018 година и анекс за непредвидени работи во вкупна вредност од 2.598 илјади денари. Со ревизијата е констатирано дека од 2018 до 2024 година објектот нема технички прием и не е пуштен во употреба, иако дел од него се користи, што доведува до руинирање на објектот и ја загрозува неговата наменска употреба“, велат од ДЗР.

ДЗР се сомнева во објективноста на финансиските извештаи

Според констатираното во извештајот, ЈСП не го вршела евидентирањето на материјалните средства врз основа на објективната вредност на земјиштето и зградите по нивна пазарна вредност утврдена со проценка од страна на професионално квалификувани проценители, а незапишувањето на правото на сопственост на градежните објекти и необезбедувањето потврда на правото на сопственост на јавното претпријатие врз истите влијае на реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и имотот со кој располага претпријатието.

„Во насока на обврската за заштита и унапредување на добрата од општ интерес и деловната политика на јавното претпријатие, ревизорите констатирале дека во текот на 2023 година, извршен е отпис на обврски постари од три години во износ од 2.788 илјади денари, за кои не е донесена посебна одлука за отпис од страна на Управниот одбор на претпријатието.

„Констатирани се неправилности во начинот на утврдување и пресметка на бруто платата на вработените поради неправилна примена на законските прописи и колективниот договор со кои се регулира начинот на пресметка и исплата на плата и надоместоци на плата. Поради необезбедена согласност на Годишните планови за вработување на ЈСП Скопје од страна на Советот на Град Скопје, потребата од човечки ресурси, јавното претпријатие ја обезбедува со ангажирање на 221 лице даватели на услуги/возачи кои треба да ја вршат основната дејност, во континуитет и за период подолг од две години, за кои во 2023 година се евидентирани расходи во износ од 81.805 илјади денари. Ваквата состојба укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица и повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во претпријатието“, велат од Државниот завод за ревизија.

Со увид во начинот и постапката на остварување на приходите по основ на давање на користење на земјиште, деловен простор и урбана опрема со кои располага ЈСП, ревизијата утврдила нетранспарентност во постапките при давање во закуп на недвижните ствари, што влијае на помалку остварени приходи по овој основ. Договорите за изнајмување се склучувале без обезбедена согласност од страна на Советот на Град Скопје, без спроведена постапка за електронско јавно наддавање, без објaвен јавен повик, без формирана комисија и извршена проценка за утврдување на почетната цена за јавно наддавање.

„Иако финансиските показателите на ЈСП Турс Скопје, укажуваат на постоење на материјална неизвесност за способноста на друштвото да продолжи со рентабилно работење во континуитет, ЈСП како основач на ЈСП Турс, во континуитет преку позајмици ги покрива редовните трошоци од неговото работење, но истите не се вратени, така што на крајот на 2023 година, по овој основ има искажано побарувања од 21.731 илјади денари“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Автобусите возат за еден денар ќар, а имаат два денари трошок

Оттаму констатирале и дека остварениот коефициент помеѓу трошокот и приходот по километар за неколку години наназад покажува дека на два денари остварен трошок по километар ЈСП остварувало еден денар приход од превоз по километар, што според ревизорите, има големо влијание на солвентноста и ликвидноста на претпријатието.

„Во 2022 и 2023 година вкупните инвестиции во основни средства се движат околу 4.000 илјади денари и се однесуваат на набавка на разна опрема, но не е инвестирано во подобрување на возниот парк, што претставува основа за дејноста на претпријатието. Со состојба на 31 декември 2023 година просечната старост на возниот парк изнесува 12,05 години. И покрај субвенционирањето од страна на основачот – Град Скопје во вкупен износ од 673.870 илјади денари, односно 10.957.235 евра, ЈСП Скопје не е во можност да ги постигне стратешките цели за одржлив урбан транспортен систем и развој на јавниот градски превоз во Скопје“, наведува ДЗР во извештајот.

Ревизијата истакнува дека се потребни активности насочени кон отстранување на тешкотиите и проблемите кои подолг период се присутни во работењето на претпријатието, кон обезбедување на континуитет во функционирање на дејноста, подобрување на квалитетот и ефикасноста во извршувањето на јавниот превоз, подигање на еколошките стандарди, односно кон остварување на мисијата на претпријатието, обезбедување на квалитетни, навремени, сигурни и во континуитет услуги.

„За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица“, заклучува Државниот завод за ревизија во Извештајот за работата на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за 2023 година.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ