Како што пишува Гардијан, Мелони се позиционирала како мост меѓу идната администрација на Трамп и Европската Унија, од која ниту еден од нејзините лидери не бил поканет на церемонијата – ниту претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, ниту претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, ниту министерката за надворешни работи Каја Калас.
Од Велика Британија дојдоа претставници на поранешната конзервативна влада, која лабуристите тешко ја поразија на изборите минатата година: краткотрајната премиерка Лиз Трас, поранешната министерка за внатрешни работи Суела Брејверман и поранешниот министер за одбрана Лијам Фокс.
Од територијата на Европската Унија, од Германија, покани добија германскиот амбасадор Андреас Михаелис, претставникот на германските опозициски демохристијани Јирген Харт, како и најмалку четворица претставници на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Кандидатката на АфД за канцелар Алис Вајдел отсуствуваше поради обврските во кампањата за претстојните избори, но присуствуваа најмалку тројца партиски функционери, вклучувајќи го и нејзиниот колидер Тино Чрупала.
АфД стекна голема популарност на територијата на поранешна Источна Германија, додека во некои региони од западниот дел на земјата се смета за екстремистичка, а под истрага е за сомнение за поттикнување омраза. Меѓутоа, мултимилијардерот Илон Маск, кој му е близок соработник на Доналд Трамп, неодамна јавно ја поддржа оваа партија.
Меѓу гостите беа и аргентинскиот „анархо-капиталистички“ претседател Хавиер Мили, кој се смета за миленик на Трамп, и конзервативните претседатели на Ел Салвадор и Еквадор, Најиб Букеле и Даниел Нобоа.
Поканет беше и поранешниот, тврдодесничарски бразилски претседател Жаир Болсонаро, но властите не му дозволија да ја напушти земјата бидејќи му беше одземен пасошот зашто е под истрага.
Како што пренесува Гардијан, на церемонијата присуствувале неговата сопруга Мишел и синот Едуардо, додека Болсонаро наводно ги испратил во солзи, бидејќи добил покана, но не можел да присуствува.
Иако Трамп има срдечни односи со рускиот претседател Владимир Путин, на церемонијата во Вашингтон беа двајца негови истакнати противници: рускиот опозиционер Михаил Ходорковски и поранешната грузиска претседателка Саломе Зурабичвили.