среда, 15 јануари 2025

Џоломарите – предизвик и инспирација за унгарски истражувачи-етнолози

Унгарски истражувачи го истражуваа македонскиот обичај – Џоломари. Целта на теренската работа беше да ги набљудуваат и истражуваат македонските традиционални зимски машки обредни поворки. Резултатите од истражувањето ќе бидат објавени во бројни публикации, вклучувајќи илустрирана англиска публикација и научни трудови во реномирани списанија.

Објавено на

часот

Сподели

Професор Родна Величковска, етномузиколог – истражувач на македонскиот музички фолклор, која даде стручна поддршка на меѓународната група од Унгарија и се придружи во нивното истражување, денеска информираше за МИА, дека станува збор за истражувачи, студенти на докторски студии при Универзитетот во Дебрецин и Артс енд ресрч лтд(Arts and Research Ltd), кои ја посетиле Македонија од 10 до 15 јануари.

На посетата ѝ претходела подготовка за истражување. Истражувањето и соработката биле претходно подготвени преку е-курс, на кој студентите на докторски студии и истражувачи, се запознале со литературата поврзана со историјата на џоломарството и ги формулирале нивните истражувачки прашања и цели за теренската работа.

„Тимот составен од студенти на докторски студии и истражувачи, предводен од професорот Елек Барта и професорката Ана Марија Боља, најпрвин пристигнаа во Скопје. Професорката Ана Марија Боља е признат истражувач на македонската култура, која ја има одбрането својата докторска дисертација за различните празнични обичаи во Македонија. Со неа се придружија и студентите на докторски студии од Универзитетот во Дебрецин и од Универзитетот „Иштван Сечењи“. На првиот ден од посетата, истражувачите се сретнаа со професорот Љупчо Ристески, професорката Инес Црвенковска, како и со мене, при што се дискутираше за македонските традиционални маскирни обичаи, обредни поворки. Следниот ден тимот се пресели во Кавадарци, каде што одржав предавање за македонските традиционални машки обредни поворки“, појасни Величковска.

Таа истакна дека посетата имала неколку цели и постигнувања.

„Главните цели на теренската работа беа да се вклучат студентите во истражувањето на македонската култура и да се создаде и одржи соработка меѓу универзитетите и истражувачките институти. Во рамките на истражувањето, беа одржани пет преноси на Фејсбук во живо, каде што се презентираа маските на џоломарите и активностите што се одржуваат со векови. Тие исто така направија интервјуа со локалните млади и џоломарите и споделија фотографии и видеа на социјалните медиуми“, додаде професорката.

Величковска подвлече дека гостите заминуваат со прекрасни спомени од Тиквешијата, поврзани со џоломарскиот обичај, заклучоци околу оваа стара традиција на овие простори и благодарност кон жителите на селата Бегниште и Ресава, каде адетот се пренесува од генерација на генерација,  за нивното гостопримство и помошта во успешното спроведување на истражувањето.

„Благодарение на нивната помош, резултатите од истражувањето ќе бидат објавени за да може да ги види светот. Благодарност ни изразија и нам, како водечки истражувачи од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на возачите на џоломарите од Бегниште и Ресава, како и на вработените во Музејот во Кавадарци. Благодарност изразија и до Универзитетот во Дебрецин, Панонија програмата и Артс енд ресрч лтд (Arts and Research Ltd), додаде Величковска. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ