сабота, 21 декември 2024

Џерусалим пост: Израел нема да ги нападне иранските нуклеарни објекти

Израел веројатно нема да ја нападне иранската нуклеарна програма, туку ќе се фокусира на напади на различни воени бази и разузнавачки локации, кажале неименувани извори за Џерусалим пост.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Изворите не го негирале претходниот извештај на Њујорк тајмс за тоа дека се очекува израелски напад на Иран, кој го најавија највисоките функционери во Тел Авив по иранскиот напад на Израел на 1 октомври, да биде умерен.

Се очекува нападот сепак да биде посилен од израелската одмазда на 19 април, кога беше оштетен ирански противвоздушен ракетен систем С-300.

И покрај тоа што повеќе актуелни и поранешни израелски функционери кажаа дека ова е единствена прилика да се нападне иранската нуклеарна програма, израелските извори укажале дека таков напад не би бил во согласност со „целите на војната“ на безбедносниот кабинет во Тел Авив.

Џерусалим пост објаснува дека најважната цел на израелската војна е пораз на Хамас, како и враќање на раселените Израелци во нивните домови во близина на границата со Либан, а дека другата формална цел е избегнување регионална војна, особено со Иран.

Израелскиот весник пишува дека некои израелски функционери нападот на Иран од 1 октомври не го гледаат како спремност на Техеран да влезе во поширока војна, туку како обид на Иран повторно да воспостави рамнотежа, откако Тел Авив успеа значително да ги оштети Хезболах и Хамас, соработниците на Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ