среда, 11 декември 2024
Седница за разрешување на министри од АА

Џафери: Имам барање, не фејсбук-порака, за разрешување на министри – Меџити: СДСМ, не се раководете од ДУИ

Претседателот на Владата, Талат Џафери во образложението пред пратеници за предлогот министрите Азиру Алиу и Фатмир Меџити да бидат разрешени од функциите, рече дека го поднел врз база на конкретен допис од коалицискиот партнер Алијанса за Албанците.  Меџити во обраќањето до пратениците ја исткна својата работа и на СДСМ ѝ порача добро да размисли и да не се раководи од ДУИ.

Објавено на

часот

Сподели

Техничкиот премиер Џафери во релативно кусото образложение нагласи дека тој не може да се раководи од фејсбук-пораките на партиски лидер и на двајцата министри кои се на дневен ред за разрешување и дека во својата одлука да поднесе предлог до Собранието за разрешување се раководел од конкретен допис од коалицискиот парнер Алијанса за Албанците и самата волја, слушната на седница на Владата, за нивно прифаќање да делуваат опозициски.

„Според законот, не може да има два опозициски субјекта во состав на Владата и тоа е основната причина зошто е предложено разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Воопшто не станува збор за нивната стручност и професионалност кон што имам исклучителна почит. Овие двајца министри се изјаснија дека ќе го поддржат статусот на претседателот на партијата дека ќе делуваат како опозиција. Согласно Уставот, ова е мое право, а одлуката ја носи парламенетот“, рече Џафери.

Правото да се обрати пред пратениците го искористи Меџити кој нагласи дека 11 месеци посветено работел во интерес на пациентите и јавното здравство, меѓу кои, нагласи дека во брзата набавка на лекот трикафта никој не верувал.

„Но гледам и жалам заради тоа што увидов дека во оваа влада немаат сите еднаква цел како мене. Особено е проблем ДУИ која преку нивните министри е решена до крај да ги политизира работите спротивно на интересите на граѓаните.  Сметам дека политиката е средство за помош на граѓаните, тие сметаат дека политиката е средство за реализација на лични интереси. Ги повикувам СДСМ добро да размислат, да не бидат неми набљудувачи на спроведувањето на ненародните интереси на ДУИ и Артан Груби. Мојата совест е чиста“, рече Меџити и порача дека граѓаните за неколку месеци на избори ќе го казнат, како што нагласи, ова деструктивно однесување.

Меџити и додаде дека повторно ќе има можност да ја извршува таа функција, за неколку месеци, како што рече.

За дискусија се пријавени над 30 пратеници.

Прв за дискусија се јави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој најнапред речед дека е многу изненаден што техничкиот премиер Џафери почнал да следи  да следи социјални мрежи.

-Постојано истакнуваше дека тој не е фејсбук-политичар, а еве сега читал статуси. Во оваа Влада која се нарекува европски фронт, денес не се знае кој е луд, а кој збунет. Очигледно се работи за фронт на корупција и криминал. На првата кавга кога забележаа дека власта може да падне, стравот почна да ги разединува, истакна Милошоски.

Пратеникот Милошоски потоа рече дека сите случувања се резултат на притисоците од ДУИ и нивните лични интереси и стравот од опозицијата пред изборите. Тој посочи дека европскиот фронт наликува на корумпиран фронт кој што се фрагментира и изрази убеденост дека владејачката гарнитура ќе биде поразена.

Од премиерот Талат Џафери потоа Милошоски беше обвинет дека не може да зборува за корупција, кога против него застарени предмети има обвинителстевото, а дека пријавите против него како претседател на Собранието биле со законска и судска завршница.

Милошоски возврати дека Џафери освен технички премиер е избран и како технички обвинител и технички судија во ликот и делото на „Алберт Ајнштајн Талат“.

„Имавме голема трагедија,кога се загубија 45 животи во автобус без лиценца за превоз на патници. Имавме барање од пратеникот Снопче да има седница на комисија за да се расправа дали има одговорност за оваа трагедија. Против беше Талат Џафери. Нему не му беше битно да се расправа зашто имаше луѓе блиски до Талат за чија одговорност требаше да се разговара. За да не одговараат тројца функционери, двајца од ДУИ и еден од СДСМ. Срамота за еден премиер да има таков однос кон граѓани жртви на системот. Затоа, велам Џафери нема демократскио капацитет да биде на функцијата“, реплицираше Милошоски.

Во контра реплика Џафери рече: „За разлика од тебе, Антонијо, имам право да се идентификувам со Ајнштајн. Пред 80 години еден Талат придонел денес да го имате овој Талат, кој можел да заврши во Треблинка. А вие продолжете така“, рече Џафери.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозиција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8 мај, АА треба да настапува самостојно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ