петок, 26 јули 2024
Реакција на техничкиот премиер

Џафери: Доста е од караници во МВР, барам точни извештаи за издадени лични документи

МВР е надлежно како институција, без оглед дали го раководи лице од опозицијата или од мнозинството, да дава точни и соодветни информации, а не низ караници да се прави хаос во перцепцијата на граѓаните, изјави премиерот Талат Џафер. Неговата изјава е реакција на изјавите на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој обвини дека се саботира работата со личните документи, додека пак, неговиот заменик Митко Бојмацалиев го демантира тоа и тврди дека граѓаните практично не можат телефонски да закажат термин за добивање лични документи.

Објавено на

часот

Сподели

Џафери рече дека како поднебје сме подложни секогаш кога има проблеми да се зборува за пречките, а не за решението, и затоа на последната седница на Влада издал задача на Министерството за внатрешни работи на дневна основа да доставуваат информации за примени барања за издавање на документи, како и за издадени документи.

Посочи дека Министерството е надлежно како институција, без оглед дали го раководи лице од опозицијата или мнозинството, да дава точни и соодветни информации, а не да прави хаос во перцепцијата на граѓаните.

„Тие на дневна основа треба да ја информираат јавноста колку обрасци примиле, колку издаваат. Не би било соодветно јас да давам информации по тоа прашање. Мојот апел е да не се служат со неточни информации, тоа најмногу штета им прави на тие што се служат со неточни информации. Ако идејата за дневна политика е кој колку поени ќе добие, а кој колку ќе изгуби, погрешен им е пристапот, оти надлежноста е нивна и обврскага да обезбедат услуга за граѓанинот, а не да се караат меѓу себе кој каков податок ќе дава. Така што, во тој контекст апелот е да се даваат точни информации и од таа причина официјално барав на дневна основа да се има извештај по однос на состојбите“, рече Џафери.

Додаде дека во текот на денот очекува да го добие првиот извештај, со оглед на тоа дека пред два дена побарал од МВР да доставува информации на дневна основа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ